Фудбал ЛШ Јувентус - Барселона

Време е за финале, за големо финале

06.06.2015 16:35

Тоа што е Јуве во елитното е дополнителен шмек, затоа што Италијанците се гладни за големи трофеи. На највредниот чекаат 19 години, минаа 12 откако беа на главната сцена и тоа само Буфон, тогаш Пирло беше на противничката страна...

Италијанскиот против шпанскиот првак, цврстината и дисциплината против креативноста  и разиграноста, Јувентус против Барелона, ќе биде спектакл.

Тоа што е Јуве во елитното е дополнителен шмек, затоа што Италијанците се гладни за големи трофеи. На највредниот чекаат 19 години, минаа 12 откако беа на главната сцена и тоа само Буфон, тогаш Пирло беше на противничката страна. И за Барса, берлинското ќе биде осмо финале, разликата е во двете титули плус или вкупно четири и во тоа што три од нив се освоени во ова десетлетие. Само Иниеста учествуваше во сите, петмина во две, осумина во последното во 2011-та.

Поради моќта, особено на триото Меси, Неимар и Суарез кое сезонава постигна рекордни 120 гола, каталонците се фаворити, но привлечноста на седмиот меѓусебен дуел е во тоа што старата дама не е аутсајдер. Делејќи му комплименти на противникот, Буфон кој од Берлин до Берлин беше и светски првак и играше во втората лига, вели дека Јуве има ѕвезди кои можат да парираат. Алегри не смета дека главното прашање е како да се сопре јужноамериканската тројка, туку како црно - белите да постигнат гол. Нема да играме на нерешено, е неговата определба. Хендикепот од отсуството на повредениот Кјелини, ќе треба да го анулира Барѕаљи иако Алегри остава простор, ако тој сам реши дека не е доволно подготвен по долгата пауза, да игра Огбона.

За разлика од времето на Гвардиола и неговиот стил со лажна деветка, Баселона на Енрике главната игра од средината ја префрли во нападот. Ова Барса не умира во убавината на бесконечните додањата туку е порационална, поконкретна и поагресивна. Можеби и затоа сите тактички анализи се што треба да направи Јувентус којшто најверојатно сепак ќе биде стациониран на својата половина. Квалитетот на Јуве е во тоа што четворката за врска одлично се трансформира во нов одбранбен ред. Уметноста ќе му биде препуштена на Пирло и на неговите асистенции, слободни удари, корнери. Улогата на џокер ќе ја има Видал кој ќе треба од втор план да биде опасен, особено кога Тевез ќе се повлекува на позицијата на „десетката“.

Ове ке биде возбудлив натпревар во којшто ние само треба да го играме нашиот фудбал, да ја имаме топката, да бидеме што подолго на нивната половина, да создаваме шанси и да ги сведеме противничките на минимум, да ја исфлиме тензијата надвор, објасни Енрике. Ниту Неимар и Пике не се залетуваат со победнички изјави, знаат дека се добри, многу добри, одлични, но потенцираат дека ова е фудбал и дека се е можно.

Многу статистика, бројки и детали го следат 60-то финале во Лигата или Купот на шампионите, но на Олимпискот стадион пред 75 илјади гледачи најважен ќе биде неговото височество, фудбалот. Загревањето уште вчеравечер на Александар плац го почнаа навивачите на двете екипи, редот на играчите ќе дојде во 20.45. Преносот ќе биде на „Прва“, специјалната емисија околу „осум“.

Од Берлин, за Македонската телевизија Горан Стерјов