Фудбалска Лига на шампионите – финале

Досие 60 – Берлин!

06.06.2015 16:57

И Јуве и Барса сакаат пехар, тоа е суштината на нивната исклучителна сезона во којашто веќе имаат двојна круна. Третиот дијамант на неа би бил пехарот во елитната конкуренција...

Кога Џон Кенеди пред половина век ја изговори познатата реченица „јас сум берлинец“, ја промовираше идејата за еднакви цели на човештвото. Духот на тој легендарен говор провејува и пред денешното финале на Олимпискиот стадион. „Сите сакаме иста иднина за нашите деца... сите сме смртни“, изговори американскиот претседател. Вековите се менуваат, но некои работи остануваат исти, особено во фудбалот Желбата за победа не се намалува, мотивацијата расте обратнопропорционално со времето до првиот судиски свиреж.

И Јуве и Барса сакаат пехар, тоа е суштината на нивната исклучителна сезона во којашто веќе имаат двојна круна. Третиот дијамант на неа би бил пехарот во елитната конкуренција. За двете институции ова е осми обид. Каталонците се радуваа во четири финални натпревари, а првата беше токму против италијанска екипа – откако падна Сампдорија во 1992-ра, „азулграна“ собра уште три трофеи, сите во последните девет години и сите против англиски ривали. Во 2006-та против Арсенал, во 2009-та и во 2011-та против Манчестер јунајтед. Затоа легитимно е прашањето што може да биде различно вечерва? Одговорот е противникот и пристапот. „Барселона има најсилен тим, но ако некој може да сопре, тоа е Јувентус“ вели Франц Бекенбауер. И доколку кајзерот на германскиот фудбал мисли така, тогаш веројатно е дека оваа претпоставка треба да се земе предвид.

Италијанските клубови освоија 12 титули во елитната конкуренција и само шпанските се пред нив со 14. Името на „Јувентус“ е изгравирано на два пехара во Купот и во Лигата на шампионите, торинскиот клуб е рекордер според домашните првенствени и куп трофеи. Затоа поделбата на фаворити и аутсајдери би била премногу остра за округлата фудбалска топка којашто првпат ќе се тркала на клупско финале во Берлин. Три германски града досега седумпати беа домаќини на финале во елитната лига. По Минхен, Штутгарт и Гелзенкирхен, фудбалот се враќа на олимписката почва на којашто светот доби драгоцени спортски подароци почнувајќи од резултатите на Џеси Овенс пред 79 години. А во поблиското минато, пред само девет, на истиот стадион Италија стана светски првак. Буфон и Пирло тогаш играа во синиот дрес, а Барѕаљи седеше на клупата. Тевез, Евра, Мората и Пирло имаат титула во Лигата на шампионите и затоа искуството не може да биде целосно на страната на Барселона и покрај тоа што во нејзините редови се седуммина фудбалери коишто го играа финалето пред четири години. Оттука, без оглед кој ги дели улогите, нема класичен фаворит, иако за повемина фудбалски неутралци Барселона е поблиску до четврто успешно финале едноподруго. Сепак, ако Сампдорија во 92-ра е бајката во историјата на „Ноу Камп“ што е Милан од 94-та и финалето во Атина? Затоа се е можно, финале е финале, дури и ако ја прилагодиме легендарната дефиниција на Линекер и речеме дека фудбалот во новиот милениум е игра на 11 против 11 во којашто победува Барселона. Но ако го прилагодиме Кенеди излегува дека сите сме берлинци, па и фудбалерите на Јувентус. Вечерва се прашуваат и тие!