Црно - црниот Јуве
Поразот од Барселона во финалето на Лигата на шампионите боли, нема утеха во првите зборови на Алегри во соблекувалната на Олимпискиот стадион, главите горе...

Тагата засега ја надвладува гордоста. Без разлика на сезоната за паметење, на позитивниот впечаток во Берлин, старата дама е губитник, според бројките најголем во историјата на елитното натпреварувае затоа што никој досега не бил поразен во финалињата шестпати. Никој не сака и никому не му е лесно кога губи, особено големи и животни натпревари, но и покрај тоа што некои од нив направиле многу во кариерите, фудбалерите на Јувентус не можат да го сокријат разочарувањето. Поразот од Барселона во финалето на Лигата на шампионите боли, нема утеха во првите зборови на Алегри во соблекувалната на Олимпискиот стадион, главите горе.
Беше ова одлично финале, покажавме карактер, одигравме и технички добро, а загубивме кога имавме контрола, но така е тоа кога играте против неверојатен ривал. Му реков на Буфон дека имам чувство дека можеме да победиме, но во еден момент, со една грешка плативме скапа цена, најсмирен по натпреварот беше тренерот на Јуве, Алегри.
Човек сум кој знае балансирано да се справува и со радоста и со разочарувањата, но ова е најтешкиот удар во мојата кариера, особено што верував дека можеме да ја совладаме Барселона, изјави Буфон кој и по 900 меча и две финалиња, нема титула во највредната клупска конкуренција.
Беше прекршок за пенал, но тоа е фудбалот, нема враќање, рече Погба кој сепак им честиташе на фудбалерите на Барса велејќи дека биле подобри.
Немајќи сила за подетална анализа, најголемиот број од фудбалерите од Торино потенцираат дека трофејот им побегнал во десетте минути кога беа подобри, но сите се горди на постигнувањето сезонава и се убедени дека овој тим со дополнителни засилувања нема лимит и дека кога веќе се врати меѓу најдобрите тука и ќе остане уште долго.
Разбирливо, неми останаа двајцата кои го кренале драгоцениот пехар, Пирло чиишто солзи ги натажија не само навивачите на Јуве и Евра кој е најмалерозниот фудбалер во историјата со четири финални порази, три од новиот европскии шампион.
Од Берлин за Македонската телевизија, Горан Стерјов
