Ова е фудбалска ера на Барселона

Повеќе од клуб

07.06.2015 13:08

Во деценијата кога фудбалот има повеќе клупски институции од кога било, Барселона ја потврди својата институционална големина, организациска зрелост, визионерство, играчка моќ...

ЕРА! Не само фудбалска или спортска, туку национална и културна. Барселона станува социолошки феномен, а фудбалот е најздравата гранка од стеблото на „азулграна“. Петтиот еврошампионски трофеј не е рекорд. Но фактот што е четврти во последната деценија зборува многу. Во деценијата кога фудбалот има повеќе клупски институции од кога било, Барселона ја потврди својата институционална големина, организациска зрелост, визионерство, играчка моќ. Преспаната ланска сезона ја поправи со тројна круна, за неа втора. Никој досега не успеал двапати да се закити со титулите во домашното првенство и во купот, како и во Лигата на шампионите.

Но тоа се бројки, а големината лежи и во нешто друго - поважно! Барселона е пионер во фудбалската филозофија на играчко витештво. Да се игра за око, да се игра на гол, да се гради натпреварот, да се контролира противникот, да се монополизира топката. Во финалето во Берлин, имаше десетина индивидуални постигнувања за историјата , но победи тимот.

„Ова е чувство на тотална среќа. Се уште не сме свесни што направивме. Им ја посветувам победата на моите соиграчи, на фамилиите, на семејствата. Се уште не можеме да сфатиме колку е тешко да се направи ова“, беа првите зборови по финалето на Иниеста. Откако четрвтипат ја освои Лигата на шампионите и стана единствен покрај Сидорф со такво постигнување, Иниеста најави дека и наредната година целта ќе биде иста. „Сакаме нови предизвици, за да напредуваме и да го направиме клубот уште поуспешен“, рече Иниеста, рече првиот фудбалер со асистенции во три финалиња на елитната конкуренција. А со тоа илустрираше еден од елементите за грандиозноста на оваа генерација на Бараса. Таа најдобро ја испиша паролата „повеќе од клуб“.

Без оглед колку се успешни, сино-црвените секогаш наоѓаат мотиви. Сезонава создадоа освежен тим во којшто значајна улога одиграа новаците. Ја надополнија и така потполната слика. Ракитиќ третпат по ред ги направи горди Хрватите кои повторно имаа свој играч на победничката страна по Манџикуќ пред две и Модриќ пред една година. „Ова е најважниот гол во кариерата“ , заклучи „ракетата“ чиишто погодок во четвртата минута е четврти најбрз во финалните мечеви од Лигата на шампионите. Само Енрике Матеос, Паоли Млдини и Гаизка Мендиета побрзо ја заплија ракетата од Ракитиќ. Неговиот гол е најбрз за Барса во завршпните натпревари.

Тука е и Нејмар. По седум години Бразилецот го разби дуополот Меси – Роналдо. Нивниот ривалитет придонесе тие постојано да бидат на првите две позиции на листата стрелци, но сезонава Нејмар има десет гола, исто колку нив, па првпат по 2000-та тројца фудбалери се голгетери на сезоната во Лигата на шампионите.

За да не биде се во нападот поврзано со Меси, се погрижи и Луис Суарез. Како и Нејмар, и тој се закити со три титули во првата сезона во Каталонија. Вчерашниот гол на „Олимпискиот стадион“ го потенцираше неговиот придонес во триото „МСН“ коешто заедно постигна 27 погодоци на 13 натпревари. Против тоа нема одбрана.

А комплетната слика, колку некои сакаат да го признаат тоа или не, ја спакува Луис Енрике. „Финалето беше спектакуларно, игравме со голем противник. Десетина минути бевме во „црна дупка“, но се вративме на врвот“, изјави Енрике. Многумина го сметаа за недоволно поткован тренер за клупата на Барса, но одговорот е тројна круна, за легендарниот Чави 26-ти пехар во клупската кариера во Браселона. За него таа заврши вчера во Берлин, за другите ќе продолжи. Затоа што БАРСЕЛОНА е „повеќе од клуб“!

Тони Стојановски, за МРТ од Берлин