Самовработување: Грант од Владата за 400 нови старт-ап компании

08.06.2015 14:39

За 8 години 6.775 невработени регистрирале свој бизнис и добиле грант. Млади до 29 години, но и жени меѓу оние кои станале свои газди...

Започнува вториот циклус од програмата за самовработување. 400 невработени кои имаат бизнис идеја ќе добијат и пари за да формираат сопствен бизнис. Секој ќе добие по 200 илјади денари. За 400 мали компании Владата обезбеди 84 милиони денари.  

„За 2015-та година, за Програмата самовработување се обезбедени 202 милиони и 454 илјади денари од Буџетот на Владата со кои е планирано да бидат опфатени 960 невработени лица“, изјави Владимир Пешевски, заменик на претседател на Владата задолжен за економски прашања.

За 8 години 6.775 невработени регистрирале свој бизнис и добиле грант. Млади до 29 години, но и жени меѓу оние кои станале свои газди.

„Преку 35 проценти, односно 2.426 од основачите на микробизниси преку Програмата за самовработување се жени, а 31 процент или околу 2.070 се млади претприемачи на возраст до 29 години. Ова мерка има висок процент на успешност и преку 70 отсто од основаните бизниси се уште се активни“, нагласи министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов.

Агенцијата за вработување со новини во опративниот план за самовработување. За 32 најиновативни бизниси предвидени се над 240 илјади денари.

„60 компании кои ќе докажат во нивниот бизнис план дека им е неопходно дополнително вработување за уште едно лице ќе им бидат доделени по уште 92.000 денари“, изјави Влатко Поповски, директор на Агенција за вработување на РМ.

Финансиска поддршка ќе има и за занатчиите од Скопје. Над 328 илјади денари, плус бесплатни простории и сметководствени услуги.

 

Наташа Јанчиќ