Неформален форум во Берово: Македонија заслужува да биде дел од НАТО

08.06.2015 17:04

Македонија заслужува да биде дел од НАТО, затоа што ги има исполнето сите критериуми. Се што треба да е се притиснат сојузниците и да ја примат змејата како полноправна членка на Алијасната. Ваква порака стигна од неформалниот форум во Берово, на кој присуствуваат истакнати интелектуалци и европски политичари...

Македонија ги има исполнето сите критериуми од акцискиот план и треба да биде дел од НАТО алијансата. Ваков заклучок донесоа сите гости- учесници на неформалниот форум во Берово, чиј домаќин е министерот за одбрана, Зоран Јолевски.

Аналитичарот и истакната личност од американската тинк-тенк заедница, Сели Пеинтер, вели дека се што и треба на земјава за да стане полноправна членка на Алијансата е силно лобирање.

„Вие ги имате исполнето сите критериуми согласно Акцискиот план за членство и ние треба да ги притиснеме нашите сојузници да го направат она вистинското, односно да ја примат Македонија како полноправен член во НАТО“, изјави Сели Пеинтер-аналитичар.

Лук Кофи, од американската „Херитиџ Фондација“ истакна дека Македонија мора да продолжи на патот на партиципација и интензивен контакт со НАТО алијансата.

 Македонија мора да продолжи на патот на партиципација и интензивен контакт со НАТО- алијансата. Македонија носи голем бенефит кон глобалната сигурност, но не ги ужива бенефитите од членство во Алијансата. Им порачувам на македонските граѓани, иако е тешко, да бидат трпеливи. Ако имате еден член на НАТО кој не го цени тоа што го правите, има 27 земји членки кои тоа вистински го ценат“, смета Лук Кофи, „Херитиџ Фондација“.

Министерот Јолевски вели дека сака во секој поглед да ги искористи неговите контакти и релации со ваквите истакнати личности од САД и Европа.

„Ова се група на интелектуалци кои имале високи позиции во американското општество, но и во Европа, ова се пријатели на Македонија, мои лични пријатели, кои ги повикав тука во Берово да поразговараме за стратегијата која Македонија треба да ја направи за што побрзо да добие покана за членство во НАТО“, изјави Зоран Јолевски, министер за одбрана.

На неформалниот форум се разменуваат многу мислења и идеи како Македонија да се приближи до Алијансата. Тоа, според министерот ќе помогне во презентирањето на аргументите зошто Република Македонија треба да биде дел од НАТО.

 

Катерина Топалова