Москва не гледа ништо ново од Г-7
Русија на тоа одговори дека не гледа ништо ново во ставот што го зазеле лидерите на самитот во Германија за Москва по прашањето на санкциите. Меѓу другото, официјален Кремљ сугерираше дека имало несогласувања во мислењата на земјите членки...

Климатските промени, тероризмот, како и насилството во украина се најдоа на врвот на агендата на вториот ден на самитот на Г-7 најразвиени економски сили во Германија. Лидерите на земјите членки изразија решителност да ги остават во сила санкциите спрема Русија, додека претседателот Путин и сепаратистите во источна Украина не го имплементираат целосно Минскиот договор.
Русија на тоа одговори дека не гледа ништо ново во ставот што го зазеле лидерите на самитот во Германија за Москва по прашањето на санкциите. Меѓу другото, официјален Кремљ сугерираше дека имало несогласувања во мислењата на земјите членки.
Поранешниот премиер Дејвид Камерон и претседателот на Европскиот совет Доналд Туск изјавија дека се надеваат оти членките на самитот ќе имаат усогласени ставови во однос на санкциите за Русија воведени поради Украина.
Ројтерс ја пренесува изјавата на портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, дека Г-7 мора да биде свесна која страна треба да ги осполни своите обврски во согласност со договорот од Минск, сугерирајќи дека тоа е Киев. Песков истакнал дека Русија го насочила вниманието кон фактот дека меѓу учесниците на самитот има различни пристапи, односно дека некои гласно зборуваат за потребата од дијалог со Русија и за неможноста за решавање на сериозните проблеми без дијалогот.
Рускиот министер за надворешни работи Лавров, упати апел до западните сили да се погрижат Киев да ги исполни обрвските во согласност со договорот, вклучувајќи го повлекувањето на тешкото вооружување и давање автономија на регионите под контрола на проруските сили.
Во однос на преостанатите теми, германската канцеларка Меркел ги повика лидерите на Групата седум најразвиени индустриски земји да се посветат на целите за намалување на емисијата на штетни гасови.
Францускиот претседател Оланд пред почетокот од вториот ден на преговорите изјави дека во моментот коминикето оди во вистинската насока. Исто така додаде и дека се надева на исполнување на ветувањето на членките на Г-7 дека до средината на веков ќе се намали зависноста од фосилни горива, и дека финансиски ќе им помогнат на сиромашните држави да ги трансформираат сопствените енергетски сектори за да се намали испуштањето на јаглерод диоксид.
Марина Автовска
