Возбудливи осминафиналиња на „Мундијалито“
Србија се спасуваше за четвртфинале против среќните Американци, додека Мали на супериорен начин дојде до дуел со пеналџиите од Сенегал...

На разиграниот и ефикасен фудбал на Светското јуниорско првенство, во нокаут фазата се надоврзаа и возбудувањата. Србија се спасуваше за четвртфинале против среќните Американци, додека Мали на супериорен начин дојде до дуел со пеналџиите од Сенегал.
Србите славеа со 2:1 иако Унгарија поведе со петиот голот на засега водечкиот мундијалски стрелец, Мерво во 57-та минута. Во судиското надополнување Србија израмни со погодокот на Шапоњиќ, по корнерот на Живковиќ и остана со десет фудбалери поради вториот жолт картон на Гајиќ. Сепак, контрата на Живковиќ и на Шапоњиќ во 118-та минута го принуди Талабер неспретно да ја застресе сопствената мрежа и да го однесе дебитантот меѓу осмуте најдобри.
И САД имаа среќа во осминафиналниот дуел со Колумбија. Рубин 58-та минута обезбеди предност од 1:0 којашто Американците ја сочуваа, иако Акоста беше исклучен во 81-та, а Барера од 11 белата точка не успеа да го совлада одличниот Стефен.
Осминафиналето најлесно го мина Мали иако во африканската пресметка фаворит беше некогашниот светски првак, Гана. Генерацијата на фудбалерот на Лил, Траоре потсети на онаа којашто пред 16 години го освои третото место. 3:0, сите голови прекрасни. При првиот во 20-та минута стрелецот Самасеку и асистентот Траоре си поиграа со одбраната на Гана. Вториот на Гбакле во 53-та ќе конкурира за најатрактивен на шампионатот, а третиот во 81-та минута ја потврди доминацијата на селекцијата на Гана за фудбалери до 21 година. Думбија мајсторски го заврши додавањето на Траоре.
За пласман во полуфиналето Мали повторно ќе има противник од „црниот континет“, затоа што Сенегал ја елиминираше Украина на пенали со вкупни 4:2, откако по 120 минути беше 1:1. Украина и на третото учество ан „Мундијалито“ е елиминирана во осминафиналето, иако имаше водство од 1:0 во 70-та минута по акцијата на Немтинов и на Беседин. На седум минути до крајот, Сенегал којшто е првпат на големо натпреварување, преку Сар стигна до продолженија, а потоа и пенали. 11-те метри во херој го претворија голманот на Сенегал, Сај кој ги одбрани шутевите на Чумак, Каратин и на Лукчевиќ. Не вредеше што не промаши Хабелок, бидејќи и тројцата африкански фудбалери беа прецизни, Сар, Сиља и Нианг.
За другите четвртфинални двојки утре ќе играат, Австрија - Узбекистан, Германија – Нигерија, потоа Португалија против домаќинот Нов Зеланд, како и двете преостанати јужноамерикански репрезентации меѓусебе, Бразил - Уругвај.
