Почна судењето за убиството во Клиничкиот центар

10.06.2015 14:29

Почна судскиот процес за убиството што се случи на 9 јануари годинава на покривот на Клиниката за детски болести. Обвинетиот Никола Кузмановски кому му се суди за убиство на бремена жена рече дека не се чувствува за виновен. Се товари дека критичниот ден ја задушил и ја задавил Дијана Здравковска која била вработена во Клиниката...

Со една рака и го стегнал вратот, а со другата и ги покрил устата и носот се додека не престанала да диши. За смртта на медицинската сестра Дијана Здравковска, обвинителството го товари Никола Кузмановски, нејзин сосед и љубовник. На 9-ти јануари, по завршување на нејзината смена во детската клиника, обвинетиот и жртвата се качиле на покривот. Не е познато за што разговарале. Според обвинението Кузмановски ја задавил и задушил до смрт.

„Ние во текот на воведниот говор кажавме дека се работи за несреќни околности кои потекнуваат од еден настан од неговиот живот и побаравме и една белешка која претходно беше покажана во која стои дека причина за смртта е како задушување, така и скршеница на черепот и дека двете се причина за смртта на покојната“, изјави адвокатот Звонко Давидовиќ.

Кога сведокот Борче Цветановски кој работел во клиничкото обезбедување се качил на покривот, обвинетиот седел на работ од керамидите. Признал дека си ја убил девојката и се заканил дека ќе скокне. Сведочеше и сопругот на убиената кој рече дека знаел оти Дијана била бремена, но не знаел дека таа и обвинетиот за убиството биле во љубовна врска.

 

Анита Димитријевска