Брисел: Лидерска средба со Хан за решение на кризата
Во Брисел е во тек лидерската средба којашто треба да резултира со надминување на актуелната политичка состојба во земјава. Средбата почна со заеднички состанок на лидерите на 4-те релевантни политички партии со еврокомесарот Хан. На разговорите присуствува и известителот за Македонија во Европскиот парламент, Иво Вајгл...

Состанокот во Брисел трае нешто повеќе од три часа. Наместо одвоени, денот започна со заедничка средба на четворицата лидери на полтичките парти, Никола Груевски од ВМРО- ДПМНЕ, Зоран Заев од СДСМ, Али Ахмети од ДУИ и Мендух Тачи од ДПА, со Комесарот за соседска политика и преговори за проширување Јоханес Хан, како и со известувачот за Македонија во ЕП, Иво Вајгл.
На денешниот состанок, Европската Комисија е силно фокусирана да постигне конечен договор за ствање крај на политичката криза во земјата- рече портапролката на комесарот Хан, Маја Коцијачич.
„Овој состанок е продолжување на последниот состанок во Скопје, и еврокомесарот Хан веќе изјави дека одредени прашања беа дискутирани и договорени, но за одредени прашања треба исто така да се разговара, затоа и тие се договорија да се сретнат денеска. Состанокот е во тек, не можам да прецизирам детали, но генерално целта на средбата е да се изнајде решение за политичката криза во земјата и нашите напори се насочени во тој правец“, изјави Коцијанчич.
Инаку договорената рамка од состанокот во Скопје минатата недела е просторот во кој ќе се движат денешните преговори, односно предвремени парламентарни избори во април идната година, а во меѓувреме да се работи на поправање на Изборниот законик, реформи во судството, владеење на правото и слобода на изразување на медиуми.
Доколку денеска се постигне договор, ЕК, како што најави Хан ќе го започне скрининг процесот за нашата земја, со отворање на поглавјата 23 и 24 од европскиот законик, во спротивно, според официјален Брисел, доколку пак денеска некоја од засегнатите страни се обиде да ги минира преговорите со дополнителни барања или пак подоцна го изигра можниот договор, серизно го доведува во прашање евроинтеграцискиот напредок на Република Македонија.
Според најавите денешните средби се очекува да завршат доцна попладне.
Марина Стојанова- Тонева, постојан дописник од Брисел за МРТ