Построги законски решенија за справување со нелегалната миграција

10.06.2015 16:13

Надлежните велат дека нелегалната миграција станува и вносен криминален бизнис на кој треба да му се застане на патот. Освен тоа, во решавањето на проблемот треба и меѓународен, а не само регионален координиран одговор...

Земјата е соочена со зголемена незаконска миграција. Бегалците од воените жаришта го потхрануваат криминалниот пазар, станувајќи жртви на криумчарите. Властите преземаат засилени мерки за спречување на криминалците.

Зголемен е бројот на поднесени кривични пријави, ама очигледно тоа е вносен бизнис па не стивнува. Министерот Чавков потврди дека поединци и групи одат дотаму што ги напаѓаат бегалците.

„Имаме сознанија за поединци и криминални групи кои ги напаѓаат мигрантите. Милтиплициран е бројот на поднесени кривични пријави. Се разбира дека имаме сознанија кои понатаму ги работиме и развиваме за соодветен одговор на криминалните групи“, изјави Митко Чавков, министер за внатрешни работи.

Напливот на мигранти во земјава и трагичните настани кога млади бегалци беа прегазени од воз, наметнаа донесување на посоодветни прописи

Предложените измени и дополнувања за Законот за азил се во владина постапка. Ресорниот министер тврди дека со негово усвојување, ќе се поедностави начинот на третирање на мигрантите кои влегуваат во земјава.

Проблемот со мигрантите не е само регионален туку и меѓународен, па тоа бара координиран одговор.

„Регионот ќе биде многу посеопфатен во понатамошно откривање, спречување и борба против разни облици на миграција“, вели Трпе Стојановски, директор на МАРРИ.

Од денеска Косово стана полноправна членка на Регионалната иницијатива за азил, миграција и бегалци. Македонија и го предаде едногодишното претседателство со МАРРИ на Црна Гора.

 

Фиљана Кока