Нови работни места: Се очекува за три години невработеноста да падне на 22%

10.06.2015 16:45

Се зголемува бројот на вработени, се подобрува социјалната слика. Заслуга имаат владините активни мерки за вработување, велат во Агенцијата за вработување. Се очекува за две до три години процентот на невработеност да падне на 22 проценти...

Намалувањето на невработеноста  продолжува во секој квартал, покажуваат податоците. 1.600 лица за неполн месец се вработија преку проектот „Македонија вработува“, плановите се таа бројка да достигне 20.000 . Активните мерки за вработување даваат резултати, вели раководителката на Центарот за вработување, Алексовска. До лани со програмата за самовработување биле регистрирани над 2.700 фирми, се вработиле околу  3.300 лица.

„Процентот на невработеноста во РМ е на рекордно најниско ниво досега. Во последните неколку години се забележува овој тренд, а тоа пред се се должи на активните политики на владата, а ние како Агенција истите ги спроведуваме“, изјави Слободанка Алексовска, раководител на Центарот за вработување.  

13 илјади работни места во слободните зони и десетици илјади работни места во домашните фирми. Според вицепремиерот Ставрески ова се должи на добрата бизнис клима, странските инвестиции. Според најновите податоци на Статистика, невработеноста е намалена на 27,3 проценти.

„Истовремено се зголемува и бројот на вработени лица. Значи во последната година имаме околу 10.000 помалку невработени и околу 11.000 лица кои во меѓувреме се вработиле. Тоа е добар податок, за една година, во која во вториот квартал лани имавме избори, а во првиот квартал од оваа година имаме политичка нестабилност. Ваквите тенденции покажуваат дека приватниот сектор успева да создава работни места“, смета вицепремиерот и минситер за финансии, Зоран Ставрески.

Според Ставрески борбата со невработеноста ќе продолжи. Ниските даноци треба да ги привлечат странски инвеститори, а домашните да ја прошират својата дејност и да отворат нови работни места.

Се очекува за две до три години процентот на невработеност да падне на 22 проценти.

 

Дијана Ценевска