Преговорите во Брисел без договор
Преговаравме повеќе од 12 часа и мојата крајна констатација е дека господинот Заев ниту сакаше да постигне договор, ниту, пак, дојде до тоа. Причината е што тој не дојде да се договори, туку тој дојде да не се договори. Човекот се плаши од избори, изјави премиерот Груевски...

Пропаднаа разговорите-нема договор во Брисел. До доцна во ноќта траеше средбата на еврокомесарот Хан со лидерската четворка од Македонија за изнаоѓање решение за надминување на актуелната политичка состојба.
Според дипломатски извори, опозицискиот лидер Заев сакал да го избегне договорот што беше постигнат на 2-ри јуни во Скопје, бидејќи според истите извори, покажал несериозност и неконструктивност поради страв од предвремени парламентарни избори и изборен пораз.
Вчерашните средби биле во различни формати. Заеднички со четворицата лидери и одвоени, односно билатерални помеѓу претседателите на партиите и комесарот Хан. Потврдено е и дека на дел од нив присуствувале и амбасадорите на ЕУ и на САД, Аиво Орав и Џес Бејли.
По средбата претседателот на владата, Никола Груевски изјави дека на Македонија и се прави огромна штета и дека опозициската СДСМ го кочи развојот на земјата.
„Преговаравме повеќе од 12 часа и мојата крајна констатација е дека господинот Заев ниту сакаше да постигне договор, ниту, пак, дојде до тоа. Причината е што тој не дојде да се договори, туку тој дојде да не се договори. Човекот се плаши од избори. Тој знае дека на наредните избори ќе доживее тешко фијаско, дека ќе го доживее најголемиот пораз на СДСМ досега во неговата историја. Ни договор сака да постигне, ниту избори да има. Тоа е целиот проблем со него и атмосферата што ја градеше претходните денови, укажуваше дека не сака да постигне договор. Брифинзите и интервјуата што ги пуштаа и даваа претходните денови, укажуваа дека ќе оди на таква варијанта, да не дојде до договор“, изјави премиерот Никола Груевски по завршувањето на разговорите.
„Тој така и се однесуваше денеска, а впрочем и видовте во текот на денот пуштаа различни брифинзи со многу шпекулации, многу неточни работи што дополнително укажува дека тој сакаше да ги уништи денешните разговори и можноста да се дојде до договор. Човек што сака да се постигне договор, не оди на таков начин. Тој сакаше да не се постигне договор, најпрво за да не оди на избори и второ колку што е можно повеќе да и направи штета на економијата на државата. Да се запре отворањето на нови работни места, верувајќи дека во еден таков хаос што ќе го предизвика, тој и неговата партија дека ќе имаат тука нешто политички да добијат. Тоа е неговата цел. Ниту договор, ниту избори, само правење на економска штета на Македонија“, додаде Груевски.
По состанокот, во писмена изјава Европската комисија ги повика сите страни, во интерес на својата земја и нејзините граѓани - да се најде траен политички компромис без одложување и да се излезе со конкретни предлози за оваа цел, за дефинирање на веќе постигнатиот договор во Скопје на 2-ри јуни. Определбата за реформи содржани во него, на која се посветени сите партиски лидери мора да се спроведе како итно прашање Ова е од суштинско значење за земјата да направи каков било напредок на патот кон евроатлантските интеграции. Европската комисија сега ќе разгледа како да придонесе најдобро за политичкиот процес во земјата и останува подготвена да ги олесни дискусиите, се вели во соопштението од ЕК.
Еврокомесарот Хан, изрази големо разочарување што по 12-часовно преговарање, не беше постигнат договор. На својот официјален профил на социјалната мрежа Твитер, Хан напиша: „Нема конечен договор на разговорите за БЈР Македонија. Многу сум разочаран од недостатокот на одговорност и лидерство на некого. Граѓаните заслужуваат подобро: демократија, владеење на правото и европска иднина. Нема да се откажеме!“.