Фудбал СП У20 - осминафинале

Пенал драмата за Бразил

11.06.2015 13:24

На петкратниот шампион Бразил му беа потреби пенали за да го елиминира Уругвај, којшто и на минатото првенство загуби по ударите од 11 метри, но во финалето против Франција...

Статистички Европа е најуспешна во завршницата на Светското првенство за фудбалери до 20 години затоа што во четвртфиналето има три репрезентации, Африка две, Азија, Конкакаф и Јужна Америка по една. На петкратниот шампион Бразил му беа потреби пенали за да го елиминира Уругвај, којшто и на минатото првенство загуби по ударите од 11 метри, но во финалето против Франција. Кариоките беа подобри во текот на 120-те минути во коишто немаше голови, упатија 35 шута за разлика од осумте на Уругвај и 66 проценти од активната игра ја имаа топката во свој посед. Решавачка беше втората серија и промашувањето на Амарал. За Бразил, којшто има шанса да се израмни со рекордерот со шест титули, Аргентина, прецизни беа сите изведувачи на пеналите, Переира, Лусао, Данило, Жажа и Жесус за триумфални 5:4.

Следен противник на Бразил ќе му бидат Португалците кои имаат две титули, а пред четири години играа во финалето. 2:1 за Португалија против Нов Зеланд којшто првпат во четирите учества стигна до нокаут сегментот. И покрај водството на Португалија со  голот на Гузо, домаќинот преку Холтхасен сепак го направи интересно осминафиналето. Пласманот меѓу најдобрите на Португалија и го обезбеди Мартинс на три минути до крајот.

Европскиот првак Германија со еден гол ја мина Нигерија. Озтунали на убав начин ја заврши акцијата со Штендер уште во 19-та минута, за конечни 1:0 и за четвртфинален дуел против уште една африканска селекција, Мали.

Азискиот претставник, Узбекистан ја совлада Австрија со 2:0 за второ врзано четвртфинале. Двата гола ги постигна Хамдамов кој поради парни жолти картони ќе го пропушти дуелот со Сенегал.

Неделната четвртфинална програма ќе ја комплетираат Србија и САД.