Промовиран националниот Геопортал

11.06.2015 15:18

Граѓаните ќе имаат пристап до деталните урбанистички планови на општините, кои се најблиските патишта, која е подземната и надземната инфраструктура на одредена локација...

Просторните податоци од сите институции од денеска се достапни на националниот геопортал. Изработени се по европски стандарди, а може да ги користат и граѓаните и приватните компании за создавање нови производи со додадена вредност. Според вицепремиерот за економски прашања, Пешевски геопорталот ќе ја зголеми и ефикасноста на администрација, а нуди можност и за поврзување со европските институции.

Геопорталот содржи информации од Катастарот за државната граница, статистичките региони, населените места, општините, како и податоци за националните паркови, за староста на населението и за потенцијалните точки - извори на пожар. Можност за објавување просторни податоци најпрво ќе имаат 16 владини институции, Градот Скопје и Стопанската комора на Македонија.

Изготвувањето на геопорталот произлезе од Законот за национална инфраструктура на просторните податоци на Република Македонија, донесен во февруари 2014 година.

 

Сунчица Николоска