МВР: 128 мигранти се криеле во Ваксинце
Четворица жители на кумановско Ваксинце се уапсени под сомнение за криумчарење мигранти откако полицијата синоќа во пет куќи од селото пронајде 128 државјани на Сирија и на Ирак. Мигрантите доброволно се засолнувале во нивните домови од каде чекале погоден момент да побегнат во западните европски земји...

Влошената безбедносна состојба во родните земји, ги натерала да избегаат. 128 мигранти од Сирија и од Ирак, по илегални премини, користејќи ја пред се грчката граница стигнале до Македонија. Во кумановско Ваксинце чекале погоден момент за да заминат во западноевропските земји.
Полицијата изврши претрес во десет куќи во селото Ваксинце. Во пет од нив се откриени мигранти. Жители од селото своите домови им ги изнајмувале по цена од 1.500 евра месечно.
Оние кои не можеле толку да платат, за десетина евра купувале засолниште. Стуткани во темни простории се криеле од полицијата. Логистика им биле четворица селани – сега уапсени под сомнение за криумчарење луѓе.
„Од досега извршените разговори со илегалните мигранти, посочено е дека сите дошле во Ваксинце по сопствена воља, патувајќи од соседна Грција кон побогатите земји членки на Европската Унија, односно ниту еден од нив не посочил дека бил жрвтва на присилба, закана или уцена во однос на престојот“, изјави Иво Котевски, помошник министер за односи со јавноста во МВР.
Оние што побарале азил се сместени во прифатилиштата за азиланти каде остануваат додека да се реши нивното прашање. Оние другите пак ќе ја чекаат судската разврска и ќе сведочат во процесот.
Анита Димитријевска
