Почина легендарниот актер Благоја Спиркоски - Џумерко
Денеска претпладне почина еден од доајените на прилепското и македонското глумиште. Почина Благоја Спиркоски Џумерко. Зад себе остави стотици главни, споредни театрски, телевизиски и филмски улоги. Утре во 10 часот ќе се одржи комеморација во прилепскиот народен театар „Војдан Чернодрински“. Посмртните останки ќе бидат погребани утре на градските гробишта во Прилеп...

Замина Итар Пејо од македонската театарска, телевизиска и филмска сцена. Почина Благоја Спиркоски Џумерко, еден од доајените на прилепското и македонското глумиште.
Прилепчани, колегите актери, македонската сцена ќе го памети Итар Пејо од Солунски патрдии, ликот на чешитиот и итар мариовец, но ќе го памети и Џумерко како актер со личен интегритет и харизма која плени не само на сцената.
Оствари стотици улоги, главни, споредни, епизодни. Бројот на претставите ни сам не го знаеше, глумеше во повеќе филмски остварувања, со македонски и со актери од поранешните ју-простори, а снимаше и во странство.
Во 2011 година ја доби наградата за животно дело на Фестивалот „Војдан Чернодрински“, Прилеп, во 2006 година му ја додели наградата за животно дело „3-ти Ноември“. Истата година е добитник и на наградата „Петре Прличко“ и бројни награди за остварените улоги.
Утре во прилепскиот театар ќе се одржи комеморација, а погребот на посмртните останки на бардот на македонското глумиште, ќе се изврши напладне на новите градски гробишта во Прилеп.
Елизабета Митреска
