Грција во ќорсокак, преговорите со кредиторите стопирани
Според кредиторите, Атина не успеала да понуди остарлив план на реформи иако до крајот на јуни треба да врати 1,6 милијарди евра...

Грција во ќорсокак- преговарачкиот тим на Меѓунардниот монетарен фонд ги напушти бриселските разговори со тим од Атина. Се врати во Вашингтон со оценка дека двете страни „се многу далеку од договор“.
„Технички разговорите во моментов се во прекин. За тоа зборува и фактот дека нашиот тим се врати од Брисел“, изјави Гери Рајс, ММФ.
Според кредиторите, Атина не успеала да понуди остарлив план на реформи иако до крајот на јуни треба да врати 1,6 милијарди евра. ММФ инсистира на реформи на пензискиот систем што за владата во Атина е неприфатливо и ја води Грција на работ на банкрот. Германската влада почнала сериозно да се подготвува за грчкиот банкрот. Се разгледувала можноста да се воведе контрола на капитален трансфер, но Бундестагот се уште без конкретно решение во случај на банкрот.
„Нам ни требаат одлуки, а не преговори. Владата во Грција треба да биде реална. Нема веќе простор за коцкање“, смета претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск.
„Ќе продолжиме да работиме со цел да дојдеме до договор. Ќе се обидеме да ги премостиме разликите во финансирањето. Се надевам дека договорот кој ќе го постигнеме ќе овозможи Грција да излезе од кризата“, изјави грчкиот премиер Алексис Ципрас.
Во меѓувреме невработеноста во Грција повторно бележи зголемување и достигна 26,6 проценти во првото тримесечје на 2015 година, пишува „Катимерини“, повикувајќи се на податоци на Грчката статистичка служба.
Весникот наведува дека речиси еден од четворица невработени Грци никогаш не работел, а процентот на долгорочно невработени лица што бараат работа најмалку една година изнесува 71,6 отсто од вкупниот број невработени во земјата.
Економската состојба негативно влијае и врз политичката. Според заменик министерот за социјална политика Стратулис, доколку кредиторите не ги намалат барањата може да дојде до предвремени избори.
Марија Петковска
