Грција губи време: Две седмици за конечно решение- или банкрот!

15.06.2015 16:16

Грчкиот министер за финасии Варуфакис ја отфрли можноста за повлекување на Грција од еврозоната истакнувајќи дека тоа не е рационално решение.

Судбината на грција во рацете на кредиторите, само две недели остануваат за изнаоѓање конечно решение од кризата или земјата ќе се соочи со банкрот. Состојбата во земјата станува алармантна,  откако преговорите во Брисел што се одржуваа викендов завршија без договор. Грчкиот министер за финасии Варуфакис ја отфрли можноста за повлекување на Грција од еврозоната истакнувајќи дека тоа не е рационално решение. Единствен начин за решение е реконструирање на долгот, додаде Варуфакис.

„Финалните преговори се закажани за в четврток, мора да имаме план Б, бидејќи од 1 - ви јули Грција ќе се соочи со вонредна состојба, ќе нема пари за полицијата, за лекови... Мислам дека комисијата треба да направи план за да се избегне влошување на ситуацијата“, смета германскиот еврокомесар, Гинтер Отингер.

„Имаме кратки рокови, треба да се продолжат разговорите што е можно побрзо. Грција не може да чека“, вели францускиот претседател, Франсоа Оланд.

„Грција е крава која се лизга по мраз и која мора да биде извлечена на цврсто тло“- со вакви зборови претседателот на Европската Комисија, Јункер, ја опиша состојбата во земјата.

Додека претставниците на власта се обидуваат да дојдат до решение. Граѓаните загрижени за егзистенцијата. Мерките што владата ќе мора да ги спроведе драстично ќе се одразат врз економијата.

„Во ваква ситуација ние нема да можеме да издржиме. Ако ги намалат пензиите, никој нема да влезе во нашата продавница. Фабриките веќе почнаа да се затвораат.“

„20 години работам на овој пазар. Се сеќавам на златното време кога луѓето чекаа редици за да купат месо. А сега. Сега никој нема пари.“

Во неуспешните преговори грчката берза денеска забележи пад од шест проценти. Официјалните претставници од комисијата сметаат дека Атина е виновна за неуспехот, бидејќи не понудиле ништо за да се обезбедат 1,6 милијарди евра за исплата на ММФ до крајот на месецот.

 

Марија Петковска