Почна изборната трка во САД
Демократскиот кандидат за претседател Хилари Клинтон и републиканскиот кандидат Џеб Буш ги одржаа првите митинзи со што и официјално ја почнаа изборната трка за претседателските избори во 2016-та година. Џеб Буш вети реформи во Вашингтон, а Хилари Клинтон дека ќе биде шампион на средната класа Американци...

Најсериозниот кандидат за претседател на демократската партија Хилари Клинтон со прв јавен настап на островот Рузвелт во Њујорк официјално ја почна изборната кампања. Во првото обраќање до гласачите, Клинтон се претстави како шампион на средната класа Американци.
„Просперитетот не смее да биде само за директорите и менаџерите на фондови. Демократијата не смее да биде само за милијардерите и корпорациите. Просперитетот и демократијата е дел и од вашите права. Вие ја вративте нашата земја назад и сега е вашето време да ги осигурате придобивките и одите напред. Америка не може да успее ако Вие не успеете. Затоа се кандидирам за претседател на Соединетите Американски Држави“, изјави претседателскиот кандидат Хилари Клинтон.
Поранешниот гувернер на Флорида, Џеб Буш, во првиот официјален настап како претседателски кандидат на републиканската партија во Мајами, вети промени во Вашингтон и стоп за бирократијата, потсети дека ќе се залага за економски просперитет преку еднакви можности за сите Американци, подобро образование, реформа на политиката кон имигрантите и враќање на лидерската улога на Америка во светот..
„Решив, сум кандидат за претседател на Соединетите Американски Држави. Ќе го земеме Вашингтон, статичниот главен град на оваа динамична држава и потоа ќе го тргнеме од работа на создавање на проблеми и ќе го вратиме на вистинската страна на слободна економија и слобода за сите Американци. Не земам никого и ништо здраво за готово. Се кандидирам со срце и се кандидирам за да победам!“, нагласи претседателскиот кандидат Џеб Буш.
Надворешната политика е мал дел од кампањата. Клинтон ја поддржува интервенцијата во Ирак против Исламската држава. Буш пак е првиот американски кандидат што ги посети Германија, Полска и Естонија за да нагласи дека Америка не ја заборава Европа.
Четворица кандидати во демократската и единаесет кандидати во републиканската партија бараат поддршка за номинација за претседателски кандидат на изборите во 2016-та година.
Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ
