Виртуозите 2CELLOS на Охридско лето
Виолончелистичкото дуо е сензација од 2011 година по објавата на видеото на Јутјуб во кое на две виолончела свират преработка на Мајкл Џексон...

Виолончелистите од Хрватска, Лука Шулиќ и Стјепан Хаузер кои настапуваат во дуото „Ту челос“ (2CELLOS) на 8-ми август од 21 часот ќе настапат на Античкиот театар во рамки на 55-то Охридско лето, соопшти „Пасворд продукција“.
Виолончелистичкото дуо е сензација од 2011 година по објавата на видеото на Јутјуб во кое на две виолончела свират преработка на Мајкл Џексон. За десетина дена спотот беше прегледан три милиони пати. Оттогаш почнува блескавата кариера на хрватските виртуози.
Досега имаат издадено три албуми: „2CELLOS“ во 2011 година, „I2ition“ (Интуишн) во 2013-та, плоча потпишана од славниот Боб Езрин, продуцент кој соработувал со Пинк Флојд, Питер Гебриел, Лу Рид и многу други. На овој албум на 2CELLOS гостуваат Стиви Ваи, Наја Ривера, Ланг Ланг и Цукеро и Елтон Џон.
На почетокот на годинава го издадоа третиот – „Celloverse“ (Человерс) каде покрај преработките на поп песни во препознатливиот стил, Лука и Стјепан додадоа и авторски материјал.
