Хрватска одново пред „дисциплинците“ на УЕФА
Причината е нацистичкиот симбол, „кукастиот крст“ или „свастика“, кој беше втиснат на тревникот на стадионот „Полјуд“ во Сплит пред натпреварот од квалификациите за ЕП 2016 меѓу Хрватска и Италија...

УЕФА покренува нова дисциплинска постапка против Хрватската фудбалска федерација. Причината е нацистичкиот симбол, „кукастиот крст“ или „свастика“, кој беше втиснат на тревникот на стадионот „Полјуд“ во Сплит пред натпреварот од квалификациите за ЕП 2016 меѓу Хрватска и Италија.
Европското фудбалско тело ова го оцени како расистичко однесување на меч кој се играше пред празни трибини, на стадион со затворени врати. Имено, Хрватска беше казнета од УЕФА да игра против Италија без присуство на публика поради инцидентите кои беа предизвикани од хрватските навивачи на натпреварот во март против Норвешка.
Хрватската фудбалска федерација, соочена со нова казнена мерка, смета дека испадот на „Полјуд“ е акт на саботажа. УЕФА објави дека за овој случај ќе расправа на 16 јули.
