ЕУ подготвува план за подеднаква распределба на мигрантите во земјите- членки

16.06.2015 16:58

План за подеднакво распоредување на барателите на азил во сите 28 членки на Европската Унија - министрите за внатрешни работи во Луксембург бараат решение за проблемот со мигрантите. Според Обединетите нации, од почетокот на оваа година повеќе од 100 илјади мигранти преку Медитеранот пристигнале во Европа...

Состојбата со напливот на бегалците од конфликните подрачја, план како да им се помогне на Италија и Грција во справувањето со бегалската криза како и мерки против тероризамот се темите на кои министрите за внатрешни работи и правда на земјите членки на ЕУ дискутираат на денешниот совет во Луксембург.

„Швајцарија ќе ја поддржи агендата, ние сакаме да дадеме наш придонес. На Федералниот совет ние одлучивме дека и понатаму ќе примаме контингенти на бегалци“, изјави Симонета Сомаруга, шеф на Федералната служба за правда и полиција на Швајцарија.

„Што се однесува до бегалците неопходна е солиидарност во Европа. Веќе една година бараме  фиксни и фер квоти, како и согласнот од другите земји. Австрија е јасна во делот за одлучна борба против трговците со луѓе, тоа е столбот на проектот за спас на овие луѓе“, вели Јохана Микл-Леитнер, министерка за внатрешни работи на Австрија.

Инаку пред две недели Европската Комисија побара побара од земјите- членки да примат вкупно 40.000 баратели на азил од Сирија и Еритреја. Овој предлог беше дочекан со голема резерва, а епилогот ќе биде познат до крајов на денот.

Според ЕК, бројот  на бегалци кој секоја држава би требала да ги прими би се определувал според основата на БДП, бројот на жителите и стапката на невработеност. При тоа на земјите би им се доделиле дополнителни 6.000 евра по барател на азил. Врз основа на овие критериуми, Франција би требало да прими 6.752 бегалци од Сирија, а во наредните 2 години уште 2.375, Германија 11.894, додека пак Малта 413.

Според преставниците на Обединетите нации, репресивната политика на ЕУ да се спречи миграцијата доживува неуспех.

Според Меѓународната организација за миграција, само од почетокот на ова година над 100.000 бегалци го преминале медитеранот од кои близу 1.900 се удавиле во водите на Средоземното море.

Високиот комесар на ОН, Зеид Ал Хусеин вчера во Женева истакна дека - со визи или без нив бегалците се луѓе кои имаат исти човекови права како и останатите. Ал Хусеин оценува дека ЕУ е во состојаба од неколку години да згрижи милион бегалци.

 

Марина Стојанова- Тонева, постојан дописник од Брисел за МРТ