Потребна е глобална акција против насилниот екстремизам
Насилниот екстремизам го достигна својот врв во 2015-та година. Се повеќе држави се соочуваат со радикализам на своите граѓани коишто ги симпатизираат или активно ги поддржуваат ектремистичките групи, извршители на терористички напади. За справување со овој глобален проблем потребна е глобална акција за рано откривање и превенција на екстремистите во нивните заедници...

Справување со насилниот екстремизам е предизвик за многу демократски држави, бидејќи извршителите на терористичките напади се главно граѓани на земјите што се цели на нападите. Американската стратегија е рано откривање на екстремистите и размена на информации со партнерите.
„Радикализацијата не се случува само во Соединетите Американски Држави.Земји на Блискиот Исток, во Северна Африка и во Западна Европа се соочуваат со многу посериозни закани. САД и другите земји работат на разбирањето на ова прашање и на идентификување на личностите што се приклучиле или планираат да приклучат на екстремистички групи. Ние сме многу загрижени поради радикалните европски државјани коишто можат да дојдат во Америка без визи“, изјави Ренд Бирс, поранешен секретар на Хоумленд Секјурити.
Во Европа има многу имигранти коишто не се целосно интегрирани во општеството. Оттука доаѓа најголемата закана по безбедноста на европските држави, оцени претставникот на Европската Унија во Вашингтон.
„Практично, за да се справиме со насилниот екстремизам во Европската Унија имаме внатрешна безбедносна стратегија, чија основа е поголема размена на информации меѓу земјите членки и со трети партнери, со цел да се засили полициската соработка, обуката и финансирањето на полициските сили“, смета Денис Чаиби, делегација на Европска Комисија во Вашингтон.
Претставници на земјите членки на антитерористичката коалиција и експерти во Вашингтон се согласија дека приоритетно мора да се спречи финансирањето на екстремистите и нивната пропаганда преку социјалните мрежи.
Насилниот екстремизам е глобален проблем и справувањето со него треба да биде на глобално ниво.
Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ
