Премиера на документарeн филм за корејскиот поет Ко Ун во продукција на МРТ
Документарниот филм за лауреатот Ко Ун е филмски портрет за една ретка творечка личност чие творештво заради уметничките и естетските вредности одамна е валоризирано меѓу најзначајните во светската поезија...

Во Кинотека на Македонија вечерва премиерно ќе биде прикажан документарниот филм „Звуците на Ариранг“, посветен на корејскиот поет Ко Ун, добитник на наградата „Златен венец“ во 2014 година. Филмот е во режија на Диме Ратајкоски, а во продукција на Македонската радиотелевизија.
Документарниот филм за лауреатот Ко Ун е филмски портрет за една ретка творечка личност чие творештво заради уметничките и естетските вредности одамна е валоризирано меѓу најзначајните во светската поезија од втората половина на XX-тиот и почетокот на XXI-от век, за што е добитник на бројни награди ширум светот.
Неговиот животен пат низ сите тие премрежја, поделби и страдања низ кои ќе минува неговиот корејски народ, наоѓаат одраз и во неговиот творечки пат. Неговото творештво токму изникнато од таквите судбинските моменти станува една рефлексија која го отсликува човечкото страдање со особен сензибилитет и поетски агол кој има универзални, сечовечки резонанци.
