Само два гола во 2.коло од групата „Б“ на Копа Америка

Аргентина го урна Уругвај, Парагвај тешко против Јамајка

17.06.2015 12:39

Во 199-от меѓусебен двобој меѓу историските јужноамерикански ривали, актуелниот светски вицешампион славеше со голот на Серхио Агуеро во 56-та минута...

Аргентина го победи Уругвај со 1-0 во првото големо дерби на годинашниот Копа Америка во Чиле, со што брзо се рехабилитираше за стартното реми 2-2 со Парагвај и остана на вистинскиот курс кон трофејот на којшто чека цели 22 години.

Во 199-от меѓусебен двобој меѓу историските јужноамерикански ривали, актуелниот светски вицешампион славеше со голот на Серхио Агуеро во 56-та минута. Тој со глава реализираше по нафрлената топка од Забалета. Гаучосите се на добар пат да ја освојат групата Б, бидејќи во последното коло ги очекува дуел со аутсајдерот Јамајка.

Четири бода по две кола како Аргентина има и Парагвај, којшто ноќеска исто така минимално триумфираше над гостинот од КОНКАКАФ зоната Јамајка.

Разликата во мечот беше чудниот гол на Едгар Бенитез, којшто во 36-та минута во мрежата ја спроведе топката одбиена од противничкито голман Кер. На Парагвајците ќе им биде доволно и реми за во четвртфиналето да влезат како второпласирани од оваа група со најсилна конкуренција.

Овие возбудувања минаа под сенка на информациите дека една од главните ѕвезди на репрезентацијата-домаќин Чиле, Артуро Видал, доживеал сообраќајна несреќа. Возејќи под дејство на алкохол, имал судир со друго возило, по што бил задржан од полицијата. Контроверзниот Видал, којшто со три гола е прв стрелец на турнирот откако завчера даде два против Мексико, и порано имал слични непријатности. Лани  Јувентус парично го казни поради тоа што бил фатен дека вози пијан, а поради слични настани во 2011 беше меѓу неколкутемина привремено отстранети фудбалери од репрезентацијата на Чиле.