Македонски Телеком и Т-Мобиле Македонија стануваат една компанија
Акционерите сметаат дека со ваквиот потег новата компанија ќе обезбеди подобра позиција на пазарот, подобри резултати од работењето, поефикасно ќе се справува со конкуренцијата и ќе има поголема можност за нови инвестиции...

Т- Mобиле Mакедонија и официјално се присоедини кон Mакедонски телеком. Новата компанија ќе почне да функционира од 1-ви јули. Акционерите сметаат дека со ваквиот потег новата компанија ќе обезбеди подобра позиција на пазарот, подобри резултати од работењето, поефикасно ќе се справува со конкуренцијата и ќе има поголема можност за нови инвестиции.
На чело на компанијата ќе биде Андреас Маиерхофер, актуелниот Главен извршен директор на Македонски Телеком. Жарко Луковски, кој досега беше на чело на Т-Мобиле Македонија ќе ја преземе позицијата Главен оперативен директор.
„Ова ќе ни овозможи целосно да се посветиме на корисниците, од една страна преку нудење на иновативни конвергирани услуги преку најновите технологии, а од друга страна преку подобрување на корисничкото искуство. Во исто време, бевме и ќе останеме најголем инвеститор и гарант на силниот развој на телекомуникациската индустрија“- изјави Андреас Маиерхофер, главен извршен директор на Македонски Телеком.
Ова присоединување, заедно со очекуваното спојување на мобилните оператори ОНЕ и ВИП, како и вчера објавената вест дека виртуелниот мобилен оператор Албафон по само две години запира со работа, значи дека на телекомуникацискиот пазар во Македонија се очекуваат сериозни придвижувања.
