Седум лица повредени во сообраќајка во Куманово

17.06.2015 15:35

Според информациите на СВР Куманово, во сообраќајката учествувале четири возила...

Седум лица од кои едно потешко се повредени во сообраќајната несреќа што се случи денеска на улицата „Железничка“ меѓу касарната „Боро Менков“ и бензиската пумпа „Трготим“ во Куманово.

Според информациите на СВР Куманово, во сообраќајката учествувале четири возила. Автомобилот „пасат“ со кумановски таблички се движел од Куманово кон периферијата на градот и претекнувал „мерцедес“ со кумановски таблички по што удрил во „опел астра“ со скопски таблички, а потоа и во „голф“ со кумановски таблички кои се движеле во спротивна насока.

Полицијата информира дека автомобилот „пасат“ откако удрил во астрата и голфот по инерција се свртел и го удрил и „мерцедесот“.

Дваесет и петгодишниот возач А.Е. кој го управувал „пасатот“ поминал со телесни повреди, додека неговиот сопатник Б.Ш се здобил со посериозни повреди по што е пренесен на една од скопските клиники. Останатите двајца со повреди се задржани на Одделението за хируругија во Куманово.

Четворица од вкупно петмината патници во „опел астрата“ поминале со повреди. Автомобилот го управувал А.З (1969), а сопатници му биле Ц.С (1977),К.Ж (1967),У.С (1984) и У.А (1979) сите од Скопје.

Во сообраќајката на повреди се пожалил и возачот на „голфот“, Ш.Р. од липковско Ропаљце, додека 46-годишниот Ш.З. кој го возел мерцедесот не се пожалил на повреди.