Голем интерес на австриските бизнисмени за инвестиции, бараат политичка сигурност
Пред австриски компании од повеќе сектори претставени можностите за инвестирање во Македонија. Владина делегација, предводена од премиерот Груевски, е на бизнис – форум во Виена...

Петнаесетина австриски фирми покажале интерес за вложување во земјава. На бизнис - средби во Виена, пред директори и менаџери на градежни, технолошки, но и на компании од ИКТ – секторот, енергетиката, металната индустрија, претставени инвестициските потенцијали, ниските даноци, поволностите во слободните зони, квалитетната работна сила, атрактивната бизнис – клима. Остварени директни контакти, реализирана посети на фабрика, со цел на терен да се видат можностите за правење бизнис.
„Ние сметаме дека инвестициската клима е многу добра. Вие нудите различни опции, имате ниски даноци, поволна и пријателска бизнис - средина за странските инвеститори. Ние како Асоцијација на австриските индустрии можеме да ве поддржиме и да ги мотивираме компаниите да инвестираат во Македонија. Ние ќе го направиме тоа“, изјави Георг Капш, претседател на Асоцијацијата на асвтриски индустрии.
Австриските инвеститори сметаат дека во земјата постојат добри можности за правење бизнис, но бараат политичка сигурност.
„Мислам дека инвестициската клима во Македонија е многу добра, луѓето се добро образовани, а локалната Влада обезбедува поддршка. Проблем е политичкото работење на опозициската партија со што им се наштетува на уверувањата да се инвестира во Македонија. Му благодарам на премиерот Груевски што не поддржува во нашите инвестициски активности“, изјави Хано Соравиа, инвеститор.
На средбите со Австријците разговарано за економските потенцијали, но и за политичките случувања.
„Ги презентиравме можностите за правење бизнис во Македонија, и за инвестирање и за тргување. Разменивме информации со бизнисмените со цел да ги привлечеме да инвестираат во Македонија. Ова беше добра можност, освен за економските, да поразговараме и за политичките аспекти во Република Македонија, и овие средби беа многу корисни за потенцијалните инвеститори, за зацрстување на контактите или за правење нови контакти. Целта е да привлечеме нови инвестиции и да отвориме нови работни места“, нагласи премиерот Никола Груевски.
Директните инвестиции од Австрија во Македонија изнесуваат околу половна милијарда евра. Австрискиот капитал е присутен во речиси сите сектори на домашната економија, услугите, осигурувањето, банкарството, телекомуникациите. Сепак, засега нема ниту еден австриски инвеститор во слободните економски зони.
Мартин Пушевски
