Собранието не го усвои предлогот за Македонија како една изборна единица
Собранието не го поддржа предлогот на пратениците Павле Трајанов и Лилјана Поповска, Македонија да биде една изборна единица. Предлагачите го правдаа со објаснување дека го отсликува реалниот однос на политичката сцена но, и интересите на граѓаните. ВМРО-ДПМНЕ се изјасни дека за тоа е потребен општ политички консензус...

Според предлагачите Трајанов и Поповска,покрај бенефитот за помалите партии,би се зголемила одговорноста, но и надзорната контрола на Собранието врз извршната власт. Иако во предлог измените на изборниот законик не се опфатени отворените листи, постои подготвеност од предлагачите тие да бидат вградени.
„Политичките партии ќе бидат принудени на соработка и коалицирање пост- изборно. Тоа значи дека сите партии ќе можат да партиципираат во програмата на владата, ќе имаат поголемо учество во носењето на крупните одлуки, битни за иднината на земјата“, вели Павле Трајанов, ДС.
За Кенан Хасипи од Демократската партија на Турците,идејата е добра, но е погрешен моментот за носење на законот. Вели - мора да тежнееме во државата да не се гласа по етнички клуч,туку за граѓански концепти.
„Веќе започнаа разговорите со опозицијата и начелно е потпишан еден документ. Кога опозицијата ќе се врати во Собранието, логично е дека сегашната расправа нема никаков ефект“, смета Кенан Хасипи, ДПТ.
Од владејачката ВМРО-ДПМНЕ со став-без поширок политички консензус не може да се влегува во ваква политичка авантура.Ромео Тренов рече дека опозицијата првенствено треба да се врати во Собранието,па потоа да се бара начинот за стабилен изборен модел.Смета дека помалите етнички заедници со предлогот-Македонија една изборна единица,губат најмногу.
„Пресметајте се, со помалку од четири проценти со повеќе политички партии вие ќе мора да влезете во коалиција со ВМРО или со СДСМ за да бидете застапени, а за Србите, Бошњаците, кои имаат пратеници со овој изборен модел, нема никој да ги застапува во Собрание, дури и Ромите кои се 2,7%“, вели Ромео Тренов, ВМРО-ДПМНЕ.
Според сегашниот пропорционален модел,Македонија е поделена на 6 изборни единици од каде што се избираат 120-те пратеници.Три места се пополнуваат од дијаспората.
Милчо Велески
