Брисел со препораки за надминување на политичката криза

17.06.2015 17:27

Европската комисија подготвила извештај со препораки за надминување на политичката криза. Еврокомесарот за проширување, Хан му ги дал на вицепремиерот Бесими на средбата во Брисел...

Пред малку заврши состанокот на вицепремиерот  задолжен за европски прашања, Фатмир Бесими со евкомесарот Јонаес Хан, на која лично, на рака му бил предаден официјалниот извештај за Р. Македонија во кои се содржани итните мерки за решавање на политичката криза во земјата.

Инаку овој извештај ќе биде разгледуван на Советот на министри следната недела во Брисел, а предходно ќе им биде доставен секако и на лидерите на политичките партии.

„Ми беше врачен на рака извештајот за Република Македонија со итни и приоритетни мерки за земјата, кој ќе биде разгледан и на Советот за општи работи на Европската унија во текот на наредната недела. Главно е дека Македонија во Брисел има поддршка за реформите во европските интеграции, но тука се сериозно заинтересирани да видат конкренти чекори во однос на реформите и да видат успех во однос на политичкиот дијалог. Тие сметаат дека договорот постигнат на 2 јуни годинава во Скопје е валиден документ“, изјави вицепремиерот Бесими.

Конкретно во известајот е наведена и потребата од зајакнување на реформите во областа на владење на правото, реформи во однос на избирачкиот процес како и во делот на медиумите. На денешната средба не е утврден нов термин за заедничка средба на лидерската четворка со европските преставници.

Инаку Бесими денеска оствари средби и со генералниот директор на Директоратот за проширување на ЕК, Кристијан Даниелсон, директорот за Западен Балкан во Генералниот директорат за европска соседска политика и преговори за проширување на ЕК, Жан Ерик Паке и со европарламентарците  Иво Вајгл, Едвард Кукан и Ричард Ховит.

 

Марина Стојанова- Тонева, постојан дописник до Брисел за МРТ