Масакр во Чарлстон, САД
Уште едно масовно убиство на афроамериканци, овој пат во локалната методистичка црква. Сторителот е белец, 9-мината загинати се убиени најверојатно поради расна омраза...

Расте напнатоста во Чарлстон, Јужна Каролина. Жителите од афроамериканската заедница се молат, но истовремено повикуваат на масовни протести, по свирепиот оружен напад на белец во Методистичката црква. Деветмина се убиени, а неколкумина се повредени од кои еден е во критична состојба по отворениот оган за време на читањето на библијата. Хеликоптери го надлетуваат небото. Полицијата сеуште е во потера по напаѓачот.
„Момчето е облечено во сива маица и сини фармерки. Високи чизми и приближно има околу 20 години“.
Градоначалникот на Чарлстон го повика населението на смиреност, но настанот го означи како голема трагедија. Полицијата се сомнева дека нападот бил извршен поради расна омраза.
„Добивме повик дека се чуле истрели во црква, кога стигнавме веќе имаше многу жртви, но и луѓе кои ги транспортираа во болница. Во моментов има девет жртви. Почнавме обемна истрага да го пронајдеме напаѓачот. Тој мора да се уапси веднаш бидејќи е многу опасен... Ова е бесмислено што се случи...ќе направиме се што е во наша моќ за да го уапсиме“, вели Грег Мулен, началник на полицијата.
Веднаш по нападот полицијата имала дојава за поставена бомба, во близина на местото на нападот, при што граѓаните веднаш биле евакуирани. Методистичката црква во која беше извршен нападот потекнува од 1816-та. По инцидентот еден од кандидатите за претседател на Републиканците, Џеб Буш ја откажа планираната посета на Чарлстон.
Марија Петковска
