Пазарот на недвижности во САД доживува ренесанса
Да се поседува стан или куќа во Америка е вистинско богатство, особено што цените за изнајмување се високи, а објектите многу барани. Агентите за изнајмување советуваат да се вложува во купување сопствен стан, а банките во последно време со претпазливи мерки за одобрување кредити.

Бизнисот со недвижности во Соединетите Американски Држави доживува ренесанса. Цените за изнајмувањето и продавањето на станови и куќи се зголемија во последнава година, па компаниите за недвижности за првпат по кризата во 2008-та бележат профит. Оваа година се враќа довербата за вложување во недвижности, па многу Американци сакаат да станат сопственици на сопствен дом. Најбарани се помали станови во градовите, во близина на метро станици.
„Тешко е да се каже дали е подобро да се купи или изнајмува имот. Не е како порано. Сега е потешко да изнајмите стан со кирија што Ви е прифатлива. Становите во Вашингтон се скапи“, вели жител на Вашингтон.
Компаниите за недвижности пак кои заработуваат од изнајмување на станови, не планираат да инвестираат во купување на нови згради бидејќи побарувачката се намалува во последниве две години, па расте и цената на инвестициите. Најчесто се изнајмуваат станови во згради со или без дополнителни трошоци за инфраструктуратата или паркинг. Интересот кај помладите Американци за изнајмување на стан во поголемите американски градови расте.
Поседување на бизнис со изнајмување на станови е нејлесен начи за збогатување, дури и во помалку богатите населени места во Америка.
„Имам 29 имоти вредни 1,7 милиони долари. Просечно заработувам од кирија 17.500 долари месечно или годишно над 200 илјади долари“, вели Флојд Симс, сопственик на компанија за недвижности.
Агентите за недвижности советуваат дека вложување во сопствен стан или куќа во Америка е најдобро по триесетите години. Во поголемите градови најчесто се продаваат таканаречените таунхаус, или градски куќи, коишто во Вашингтон достигнуваат цени од најмалку еден до десетина милиони долари.
„Кога изнајмувате, ако машината за садови не работи, менаџерот ќе плати за дефектот. Ако имате куќа, Вие плаќате за се“, вели Макс Лени.
Американските банки се уште ги држат на ниско ниво одобрувањето на кредити за станови или куќи, поучени од лошото искуство со кризата во 2008-та. Сепак, некои банки ги намалија процентите на вложен капитал во нов дом на само 3% од вредноста на објектот. Освен станови и куќи, ранч, фарми, се продаваат и мобилни домови, куќи на бродови, па дури и шатори.
Изнајмувањето и продавањето на недвижности во САД е профититабилен бизнис што годишно носи стотици милијарди долари.
Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ
