Фудбал - Копа Америка

Колумбија конечно го совлада Бразил

18.06.2015 13:26

Во динамичен, жесток, но и нервозен натпревар, голот за втор триумф на Колумбија во 11-те пресметки на континенталното првенство и вкупно само трет во меѓусебната историја со Бразил, го постигна новиот фудбалер на Интер, Муриљо во 36-та минута...

Колумбијците чекаа 24 години на победа против Бразил и барем малку се одмаздија за четвртфиналниот мундијалски пораз, славејќи на 44-от Копа Америка со 1:0. Во динамичен, жесток, но и нервозен натпревар, голот за втор триумф на Колумбија во 11-те пресметки на континенталното првенство и вкупно само трет во меѓусебната историја со Бразил, го постигна новиот фудбалер на Интер, Муриљо во 36-та минута.

Бразилците беа поактивни, создадоа повеќе шанси, но или голманот на Арсенал Оспина бранеше како кога се обиде Нејмар или пак, имаше среќа при идеалната можност на Фирмино.

Фрустиран од првиот пораз по единаесете врзани победи откако Дунга го презеде Бразил по Светското првенство, Нејмар по последниот судиски свиреж со топка го погоди Армеро, на патот кон соблекувалната доби втор жолт картон и нема да игра во завршниот дуел со Венецуела. На неговата постапка реагираше Бака кој го оттурна, па директно поцрвене и ќе го пропушти мечот со Перу.

Иако Фалкао повторно беше индиспониран, Колумбијците ја закомпликуваа ситуацијата во Групата Ц, бидејќи сега имаат по три бода заедно со Бразил и со Венецуела којашто ноќта што престои со евентуелан триумф против Перу би обезбедила четвртфинале.