САД: Убиецот од Колумбија бил опседнат со Апартхејдот

19.06.2015 16:58

Расистот опседнат со Апартхејдот бил уапсен 14 часа по крвавиот поход. Бил приведен на полициски контролен пункт во Шелби, Јужна Каролина, на околу 4 часа од местото на злосторството...

Дилан Руф, човекот којшто уби девет лица во евангелистичка црква во Чарлстон и којшто беше уапсен по организирана акција на американската полиција, според сведоците непосредно пред убиствата им врескал на афроамериканските верници во црквата Емануел каде што се случи грозоморниот чин.

Расистот опседнат со Апартхејдот бил уапсен 14 часа по крвавиот поход. Бил приведен на полициски контролен пункт во Шелби, Јужна Каролина, на околу 4 часа од местото на злосторството.

Руф седел со верниците околу еден час пред да почне да пука од пиштолот што го добил за 21-роденден од сопствениот татко. Немал работа, ниту возачка дозвола и бил осамен поголемиот дел од времето.

Во февруари годинава бил приведен во трговски центар во Колумбија поради расправија со продавачи, по што кај него биле пронајдени и апчиња за болки кои ги поседувал нелегално. 

Неговите пријатели изјавиле дека во последно време момчето зборувало дека луѓето од црномурестата раса непотребно го заземале светот и дека некој требало да стори нешто во врска со тоа. Во собата на Руф полицијата пронашла знамиња на Јужна Африка од времето кога била управувана од луѓе од белата раса. Тој сакал сегрегација меѓу белите и црните луѓе.

Претседателот Обама им изрази сочувство на семејствата на жртвите, додавајќи дека ова не е прв пат афроамериканска црква да е цел на напад.

Во четвртокот навечер црквите во градот Чарлстон биле преполни со луѓе кои се молеле за жртвите. Стотици луѓе се собрале и пред црквата Емануел најчесто посетувана од Афро-Американци. Миси беа оддржани во голем број цркви во Мајами, Детроит и во Филаделфија.

 

Марина Автовска