Србија преку Бразил до титулата на Мундијалито
На бразилскиот квалитет, Србите одговорија со талент, борбеност и со одлична тактичка поставеност од предводникот на клупата, родениот струмичанец Вељко Пауновиќ...

Прекрасна завршница на 20-то Светско јуниорско првенство коешто донесе убав и ефикасен фудбал и промовираше идни ѕвезди. Србија немаше респект кон минатото и звучните имуња на Бразил и славеше во финалето со 2:1.
На бразилскиот квалитет, Србите одговорија со талент, борбеност и со одлична тактичка поставеност од предводникот на клупата, родениот струмичанец Вељко Пауновиќ. Покрај светската титула во дебитанскиот настап, големиот успех има допонителна тежина затоа што Србија во четирите натпревари во нокаут фазата играа продолженија. Кариоките во сите статистички параметри беа подобри, наизглед го контролираа натпреварот, но стратегијата на балканците базирана на контранапади им ја донесе победата од 2:1 и првиот мундијалски трофеј во конкуренција на фудбалери до 20 години.
Во тој стил на Норт Харбур стадионот во Оукленд, пред 25 илјади гледачи, по 572 минути на Светскиот шампионат во Ниов Зеланд, беше затресена мрежата на бразилскиот голман Жан. Центаршутот на Максимовиќ во гол го претвори напаѓачот на Чукарички, Мандиќ за 1:0 во 70-та минута. Бразил брзо се врати од шокот и тоа по само три минути, благодарение на индивидуалната минијатура на фудбалерот на Манчестер Јунајтед, Переира.
И во продолжението Бразилците беа поконкретни, но тројниот противнапад на Илиќ, Живковиќ и на стрелецот Максимовиќ во 118-та минута му обезбеди историја на српскиот фудбал. Ова беше четврти пораз во деветото финале, по коешто кариоките пропуштија можност да се израмнат со рекордерот со шест пехари, Аргентина.
Капитенот на Србија, Рајковиќ е прогласен за голман број еден, прв стрелец со пет гола е Украинецот Коваленко затоашто има повеќе асистенции од Унгарецот Мерво. Најдобар фудбалер на Мундијалито е напаѓачот на Лил, Траоре кој со два погодока беше најзаслужен за победата од 3:1 во африканската пресметка против Сенегал за третото место по којашто Мали го повтори бронзениот успех од 1999-та година.
