Елиминација на Бразилките, Австралија, Франција и Канада во четврфинале
Австралијките ги елиминираа Бразилките и ги спречија во напорите да стигнат до првата мундијалска круна...

Австралија, Франција и домаќинот Канада им се придружија на Германија и на Кина во четврфиналето на Светското фудбалско првенство во женска конкуренција. Австралијките ги елиминираа Бразилките и ги спречија во напорите да стигнат до првата мундијалска круна. Симон во 80-тата минута го постигна единствениот гол на осминафиналниот натпревар по којшто „кенгурките“ го повторија успехот од последните две првенства кога исто така беа меѓу осумте што е нивни најдобар резултат. Австралија во четврфиналето ќе игра со поуспешните од дуелот меѓу актуелните првенки Јапонките и Холандија.
Французинките не им дадоа никави шанси на репрезентативките на Јужна Кореја. Дели и Томи по осум минути игра веќе обезбедија предност од 2-0, а Дели ја заврши работата на почетокот на второто полувреме за конечни 3-0 за Франција, која е на чекор до повторување на успехот од претходниот собир. За второ полуфинале по ред „триколорките“ во наредното коло треба да ја минат Германија.
Успешно осминафинале имаа и Канаѓанките кои го искористија домашниот терен за да останат на курсот кон најголемиот мундијалски успех. По триумфот над Швајцарија со 1-0 со голот на Белангер во 52-та минута, домаќинот на турнирот се израдува на четврфинале, а доколку ја мине и следната пречка, тогаш вторпат во историјата ќе стигне до полуфинале. За таков успех пред неа ќе стои подобрата селекција од вечерашната пресметка меѓу Норвешка и Англија. Во осминафиналната програма денеска по полноќ по наше време Американките ќе играат со Колумбија, а в среда наутро Јапонија ќе се сретне со Холандија.
