„Билд“: Политиката за спас на Грција без ефект

22.06.2015 15:54

„Билд“ смета дека за пензии и плати кон крајот на месецот на Грција и недостасуваат повеќе од 3 милијарди евра, а ниту самите Грци не веруваат во способноста на домашните банки да преживеат...

Влијателниот и моќен германски таблоид „Билд“, во редакциски коментар, пишува дека политиката за спас на Грција е без ефект, скапа и од почеток погрешна, и дека за Атина нема место во еврозоната. „Билд“ укажува дека како за Грција, така и за Европа излегувањето на земјата од еврозоната е најдобро решение. Тоа не значи излегување од Европа, туку  напротив, би се понудиле можности како самосвесна и стопански стабилна земја, Грција да се врати во европската заедница. Уште еден договор нема да го реши проблемот со Грција, туку само ќе го пролонгира за само неколку месеци.

„Билд“ смета дека за пензии и плати кон крајот на месецот на Грција и недостасуваат повеќе од 3 милијарди евра, а ниту самите Грци не веруваат во способноста на домашните банки да преживеат.

Најдобар доказ е минатата недела кога штедачите од сметките подигнаа 3 милијарди евра за да ги префрлат во странство или да ги стават под перница, пишува „Билд“,  оценувајќи дека Грција е практично банкротирана земја.