За Вардар и Шкендија надеж, за Работнички и Ренова шанса
На прв поглед денешната жрепка во Нион можеше да биде поблагонаклона, поатрактивна, попровокативна...

Апоел, Флора, Абердин, Дачија се испречија пред Вардар, Работнички, Шкендија и Ренова во премиерните квалификациски натпревари од европските купови. На прв поглед денешната жрепка во Нион можеше да биде поблагонаклона, поатрактивна, попровокативна.
Вардар ќе ја отвори својата квалификациона сеанса во Лигата на шампионите полетувајќи за Никозија на мегдан на кипарскиот првак АПОЕЛ. Фудбалско име кое само навидум не зрачи премногу, но кога ќе се погледне клупското „си-ви“, може да се процени тежината на предизвикот со кој нашиот првак се соочува. АПОЕЛ со 24 титули е најголемиот кипарски фудбалски авторитет. Во Европа направи пробив дури и во групна фаза од Лигата на шампионите, одмерувајќи ги силите со една Барселона, ПСЖ, Ајакс... Голем број кипарски репрезентативци, 5-мина Бразилци, тројца Шпанци, двајца Порртугалци, Аргентинец се дел од актуелниот состав. И еден Македонец, Валмир Нафиу, член на нашата млада репрезентација го носат дресот на АПОЕЛ. На 14-ти или 15-ти јули во Никозија ќе започне квалификациониот двобој, а ќе заврши една седмица подоцна во Скопје.
Од тројцата наши актери на квалификацискиот полигон од Лигата на Европа, Шкендија во тимот на Абердин го доби најзвучното име.Абердин, екс-првак на Шкотска, актуелен вицешампион и финалист во Купот, екипа која во својата фудбалска средина пред себе го има само славниот Селтик. Голем противник! За Шкендија сигурно додатен предизвик да се претстави во најдобро светло против опонент кој доаѓа од Островото.Особено на првиот натпревар во Скопје,кој може да биде клучен. За во евентуалното следно коло да заплови кон Риека, која го очекува победникот.
Работнички, новото излегување во Европа ќе го започне од далечниот север. Флора од Талин е противникот, 9-кратен првак на Естонија.Име не премногу атрактивно, преку кое нашиот куп-победник ќе се обиде да ги врати сеќавањата на фудбалската романтика, која Работнички пред четири години ја донесе на македонското фудбалско небо со високиот европски лет.Актуелното полетување ќе биде од Талин, а ако успешно ја мине Флора патот ќе го води на бугарскиот Литекс од Ловеч.
Сличен ќе е и почетокот на шестото европско поглавје на Ренова. На мегдан со малку познатата Дачија од Кишињев, претставник на Молдавија. Треба Ренова да направи се да ја искористи оваа шанса за пробив во наредното коло, на дуел против победникот меѓу ирскиот Гленторани Жилина од Словачка.
Првите натпревари од квалификациите во Лигата на Европа ќе се одиграат на 2 јули, а епилогот ќе биде познат седум денови подоцна во реваншите на 9 јули.
