Нападнат парламентот во Кабул

22.06.2015 16:34

Во нападот на Парламентот во Кабул, Талибанците најпрво предизвикале голема експлозија со автомобил-бомба, а потоа насилно влегле во зградата и почнале да пукаат. Паралелно со упадот, експлодирале четири бомби...

Шестмината Талибанци кои ја нападнаа зградата на авганистанскиот парламент во Кабул се убиени, соопшти Министерството за внатрешни работи. Повредени се најмалку 18 лица. Во нападот на Парламентот во Кабул, Талибанците најпрво предизвикале голема експлозија со автомобил-бомба, а потоа насилно влегле во зградата и почнале да пукаат. Паралелно со упадот, експлодирале четири бомби. По експлозијата пратениците во паника ја напуштиле зградата,   каде што во моментот се спроведувал изборот на новиот министер за одбрана Масум Стане-кзаи.

„Ниту еден член на парламентот не е убиен во експлозијата. Неколкумина чувари се полесно повредени“, изјави Лали Хамидзаи, член на парламентот.

Државната  телевизија во живо гo пренесуваше инцидентот во Законодавниот дом.

„Јас бев зафатен со работакога одеднаш огромен оган излезе од зградата на Парламентот. Се слушаа истрели. Не знаев што се случува“, вели очевидец.

Талибанците соопштија дека акцијата е свесно изведена на денот на изборот на  министерот за одбрана. Авганистан веќе подолго време нема челник на оваа позиција, по што набљудувачите оценија дека ова е порака до Владата на Кабул.

Нападот го осуди мисијата на ОН во земјата. Поради повлекувањето на воените сили на САД од Авганистан и намалувањето на обемот на американските воздушни удари, оваа терористичка формација изведе низа големи напади во стратешки провинции. 

 

Маријана Димовска