Лауреатот на натпреварот за млади музичари на средба со министерката за култура
Годинава 120 учесници од голем број земји се натпреваруваа во свирење дувачки инструменти, поделени во четири возрасни категории...

Флејтистката Мина Радиќ од Србија победи на 14. Интернационален натпревар за млади музичари „Охридски бисери“, кој од 15-ти до 21 јуни се одржуваше во Охрид.
Годинава 120 учесници од голем број земји се натпреваруваа во свирење дувачки инструменти, поделени во четири возрасни категории - преткатегорија за најмладите, за основно музичко училиште, за средно музичко училиште и за студенти до 25 години. Втората награда на натпреварот ја освоил Демир Кантуровски (труба) од ФМУ-Скопје, а третата Здравка Василева (труба) од Факултетот за музичка уметност во Пловдив, Бугарија.
Лауреатката Радиќ, членови на жирито и претседателот на Здружението на музички и балетски педагози на Македонија, кое го организира овој натпревар, денеска беа примени од министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска.
Посакувајќи и успешна кариера на Радиќ, Канческа-Милевска истакна дека Министерството за култура со задоволство го поддржува натпреварот кој обединува млади репродуктивни музички уметници од светот.
