Предлогот на Атина разумен, но задоцнет

22.06.2015 17:13

Еврото и драхмата влегоа во последната рунда – без договор во Еврозоната, утре банките можеби нема ни да ги отворат вратите. Последниот предлог на Атина е оценет како разумен, но задоцнет...

Нервозни штедачи ги извлекуваат депозитите од грчките банки, а европските финансиски институции веќе не можат да создаваат илузија дека тие се се уште ликвидни. Еврото и драхмата влегоа во последната рунда – без договор во Еврозоната, утре банките можеби нема ни да ги отворат вратите. Последниот предлог на Атина е оценет како разумен, но задоцнет.

„Време е за одржливо решение што ќе и овозможи на Грција да се врати на патот на растот во Еврозоната, со социјална правда и кохезија“, изјави Алексис Ципрас, премиер на Грција.

„Уште не сме добиле одржлив предлог. Без тоа, не гледам како Еврогрупата би го подготвила Евросамитот“, вели Волфганг Шојбле, министер за финансии на Германија.

„Очекувам предлогот да ни даде првична идеја, но дојде премногу неодамна за да направиме конечна проценка и да видиме дали е основа за конечни разговори“, смета Јероен Дијселблом, претседател на Еврогрупата.

За да се избегне испаѓање на Грција од Еврозоната, се дава неизвесна можност за договор до крајот на неделава бидејќи се уште има значајни разлики. Ципрас се согласил на буџетскиот вишок годинава да биде таргетиран на 1% од БДП-то годинава, 2% наредната и 3,5 до 2018, спорен е пристапот кон даноците, а категорично одбил намалување на платите и пензиите и зголемување на сметките за за струја и цените на лековите.

„За мојата иднина ми е важно да останеме во Европа и во Еврозоната. Владата мора да постигне компромисно решение за сите нас“, вели жител на Грција.

„Кризата ни влијаеше на сите. Многу луѓе на моја возраст се без работа. Би било подобро да се вратиме на драхмата“, додава друг жител на Грција.

Според експертите, можни се три сценарија. Прво – ако Грција не им плати на кредиторите ќе го изгуби пристапот до европскиот банкарски систем, ќе мора да воведе задолжителни рестрикции и можен е Грегзит. Второ – договор во последен момент и Грција да остане во Еврозоната. Трето – да не се постигне договор за кредитот но Грција да остане во Еврогрупата за сега.

 

Ивана Салтировска