Сенатор Мрфи: САД мора да го продолжи присуството на Балканот
Соединетите Американски Држави мора да најдат алтернативни решенија за кризите во светот со поголема соработка со сојузниците, меѓународните организации, Обединетите нации и НАТО. Балканот не е завршена работа, па САД мора да продолжат да бидат присутни во регионот, оценува сенаторот Крис Мрфи, член на Комитетот за надворешна политика во Сенатот и претседавач на Поткомитетот за Европа...

Кредибилитетот на НАТО ќе опаѓа, бидејќи Алијансата полека ја затвора отворената врата за проширување, изјави сенаторот Крис Мрфи во Вашингтон при обраќањето во Институтот „Вилсон Вудроу“ за осумте идни приоритети на американската надворешна политика.
„Мислам дека го загрозуваме идниот легитимитет на НАТО со затворањето полека на политиката на отворена врата. Има земји што се сакаат и се подготвени да се приклучат. Грузија има одредени важни проблеми што треба да ги реши, но Црна Гора е апсолутно подготвена да се приклучи. Кога одбиваме проширување, почнуваме да ја поткопуваме причината за постоење на организацијата“, изјави Крис Мрфи, сенатор демократ од Конектикат.
Балканот се уште е нестабилен поради нерешените прашања во последниве сто години. САД мора да продолжат да бидат присутни во регионот бидејќи и Русија го зголемува своето влијание на Балканот, оценува сенаторот Мрфи.
„Го земаме здраво за готово, нивото на стабилност на Балканот. Во последниве сто години имаше големи конфликти таму и на некој начин се уште не се завршени, постои и одредена воена нестабилност што е загрижувачка. Поентата е што го покренувам ова е дека бев во Србија, држава во која Русија има многу интереси, а за нас е важна поради транзитна точка за енергијата во и од регионот. Јас бев таму на денот кога Владимир Путин ги маршираше своите армии низ улиците на Белград како голема претстава на моќ, а нашиот амбасадор таму ме молеше за 20 илјади долари за програмата за размена, што биле скратени од неговиот буџет“, вели сенаторот Мрфи.
За Американците приоритет на надворешната политика е борбата против Исламската држава која е најголема закана за американската безбедност. Голем процент на нив поддржуваат нова воена интервенција на Блискиот исток. Сенаторот Мрфи смета дека Америка не смее да ги повтори грешките од Ирак и Авганистан, бидејќи само воено решение не е трајно и мора да има и политичко решение на конфликтите.
Сенаторите демократи сметаат дека идните приоритети на американската надворешна политика мора да бидат и климатските промени.
Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ
