Фудбал - СП жени осминафинале

Англија и САД во четврфинале

23.06.2015 12:58

Трет мундијал по ред англиските дами се во четврфиналето коешто досега никогаш не го минале. Гордиот Албион славеше со 2:1 против Норвешка ...

Од некогашните шампиони, Норвешка не успеа, Американките го преживеаја осминафиналето на Светското првенство во фудбал. Трет мундијал по ред англиските дами се во четврфиналето коешто досега никогаш не го минале. Гордиот Албион славеше со 2:1 против Норвешка којашто на последните три шампионати двапати играше во финалето, но и натаму има само една титула и тоа од пред 20 години. На скандинавките не им помогна ниту водтвото со голот на Гулбрандсен во 54-та. Предводничката на Англија, Хаутон исто така по корнер израмни во 61-та, а Бронз со убавиот погодок во 76-та минута и донесе на својата репрезентација пресметка со домаќинот Канада.

На сите седум досегашни шампионати, фудбалерките на САД се искачуваа на подиумот, па триумфот од 2:0 против Колумбија којашто првпат играше осминафинале, беше очекуван. По прекршокот на Перез за пенал и за црвен картон, Вомбах не искористи шанса да се израмни со по 15 гола на врвот на вечната листа најдобри мундијалски голгетерки со Бразилката Марта. Сепак, Морган во 53-та и Лојд од 11 метри во 66-та минута им обезбедија на Американките дуел со Кина.  Америка е најуспешна репрезентација на Светските првенства со три бронзи, едно второ место и два трофеја, но на третиот - рекорден чека 16 години. 

Во четвртфиналето на 26 јуни уште ќе играат и Германија - Франција, додека противник на Австралија ќе и биде поуспешниот од дуелот што ќе се одигра в среда рано изутрина, меѓу актуелниот првак Јапонија и дебитантот, Холандија.