Работилница со врвни филмски експерти во Скопје
Во текот на неделава ќе се одржи работилница, организирана од Агенцијата за филм, на која ќе учествуваат 48 учесници од 30 земји...

Владата преку воспоставени мерки за развој продолжува да ја дава целосната поддршка на филмот и филмската култура како и да се залага за препознатливост на македонската кинематографија во европски и светски рамки. Во текот на неделава ќе се одржи работилница, организирана од Агенцијата за филм, на која ќе учествуваат 48 учесници од 30 земји.
„ЕАВЕ (Европски аудиовизуелни претприемачи) оваа година одлучи втората од вкупно три годишни работилници да се организира во Скопје. Исклучително голем и важен настан за филмската дејност во РМ, за нашите филмски работници и за нашата земја која веќе станува препознатлива како филмска индустрија, благодарение на стимулативните мерки за подигање на нивото на филмската продукција и инокорпорирање во сите европски текови во филмската дејност“, рече директорот на Агенцијата за филм на Република Македонија Дарко Башески.
ЕАВЕ е најголема продуцентска мрежа која веќе 27 години работи на вмрежување на продуцентите, нивна едукација и развој на филмски проекти. Организира по три работилници годишно, од кои првата е секогаш во Луксембург, а втората и третата во други градови.
Работилниците на ЕАВЕ им помагаат на продуцентите заедно со сценаристите да ги подобрат сценаријата за филмски проекти, да ги развијат финансиските и продажните аспекти.
