Брисел оптимистичен за договор со Грција по последниот предлог на Атина

23.06.2015 17:22

„Подготвен сум да се соочам со последиците од кратењето на пензијата. Ако се врати драхмата ќе биде ужасно“. Ова се некои од реакциите на жителите на Атина кои протестираа против можното излегување на Грција од Еврозоната. Сепак, се чини дека се гледа светло на крајот од тунелот. Последниот состанок, иако без конкретен договор, резултираше со позитивни придвижувања...

Во 5 за 12 најава за расплет на финансиската криза во Грција. 12% данок за компаниите со профит над половина милион евра и данок за луксуз за базени, авиони, скапи автомобили и приватни јахти. Остануваат трите стапки на ДДВ од 23, 13 и 6%. Солидарниот данок се зголемува за граѓаните со приходи над 50.000 евра и се намалува за тие со приходи под 30.000 евра. Нема да се приватизира електродистрибуцијата, но цената на струјата ќе се зголемува селективно. Платите и пензиите нема да се намалуваат, но постепено ќе се ограничува предвременото пензионирање. Воениот буџет ќе биде намален за 200 милиони евра. Брисел ги прифати како основа за договор предлог мерките на Атина од 7,9 милијарди евра во наредните две години.

„Критериумите се социјална правда, еднакви мерки прифатени од институциите, економска одржливост, одржлив долг и силен пакет за раст. Морам да ја употребам фразата што ја користат многу европски функционери – топката е во дворот на европското лидерство“, изјави Алексис Ципрас, премиер на Грција.

„Новиот грчки предлог до трите институции е позитивен чекор напред. Премиерот Ципрас и институциите ќе соработуваат за да може Еврогрупата да постигне резултат до среда вечер што ќе биде претставен во четврток изутрината“, нагласи Доналд Туск, претседател на Европскиот совет.

Со масовен протест под мотото „Остануваме во Европа“, грчката демократија прати порака од плоштадот Синтагма во Атина, но и во Солун, Ираклион и на Крит. Строгото штедење е повторно причина за протест, сега самите Грци бараат да го стегнат ременот за да не го изгубат еврото.

„Ако се врати драхмата, ќе биде ужасно“, вели Павлос Пападопулос, жител на Грција.

„Подготвен сум да ги издржам последиците на кратењето на пензиите“, вели Џон Леонтис, пензионер од Грција.

Помали судири избија на протестот од страна на крајнодесничарски и крајнолевичарски групи кои се противат на мерките за штедење и заговараат враќање кон драхмата. Помала група млади луѓе вооружени со палки почна да фрла факели врз учесниците на митингот, по што полицијата приведе 30-тина лица.

 

Ивана Салтировска