Фудбал СП жени - осминафинале

Јапонија преку Холандија во четвртфинале

24.06.2015 13:10

Откако Огими во 10-та минута ја погоди пречката, Аријоши и обезбеди водство на Јапонија од 1:0...

Јапонија не само што е светски шампион, туку е и поквалитетна од Холандија, па затоа без проблеми се пласираше во четвртфиналето на женскиот фудбалски мундијал во Канада.  Јапонките кои славеа на сите четири натпревари на првенство, во  последниот осминафинален дуел во Ванкувер, ја совладаа Холандија со 2:1.

Откако Огими во 10-та минута ја погоди пречката, Аријоши и обезбеди водство на Јапонија од 1:0.

Клучна за победата на азискиот првак и сребрената репрезентација од Олимпијадата во Лондон, беше прецизната акција и убавиот гол на Сакагучи за 2:0 во 78-та минута.

Упорноста на Холанѓанките, кои се дебитантки на Светските првенства, им донесе само почесен погодок и тоа благодарение на невнимателниоста на јапонската голманка, Каихори. Стрелец во судиското надополнување беше Ван де Вен.

На 27 јуни во четвртфиналето Јапонија ќе игра против Австралија, а Англија ќе се соочи со домаќинот Канада.

Ден претходно, во најпривлечната пресметка меѓу осумте најдобри ќе се спротивстават Франција и Германија, додека противник на Американките кои се најуспешни во 24-годишната мундијалска историја ќе им бидат фудбалерките на Кина.