„Топол културен бран“ во 30 општини
Манифестацијата се организира по пат на конкурс на кој општините аплицираат со креирана програма, а Министерството за култура ја поддржува финансиски...

Над 90 настани - концерти, претстави, поетски читања, стендап-комедии, филмски проекции, изложби... ќе опфати осмата манифестација „Топол културен бран“, која ќе се реализира во 30 општини во две етапи - од 20-ти до 31 јули и од 20-ти до 31 август.
Манифестацијата се организира по пат на конкурс на кој општините аплицираат со креирана програма, а Министерството за култура ја поддржува финансиски. Годинава се одвоени 4.700.000 денари.
Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска на прес-конференција рече дека ја радува се поголемиот интерес на општините да бидат домаќини на содржини од „Топол културен бран“. Во неколку туристички општини (Ресен, Берово, Крушево и Дојран) паралелно ќе се одвива и второто издание на проектот „Културно лето, културна зима“.
Оваа година националните установи од сите дејности се отворени за соработка со општините во заложбата да се подигне свеста за културата, да се анимираат жителите, особено во малите општини и да се поттикне нивниот локален развој.
