Европа се соочува со најголемата бегалска криза по Втората Светска војна

25.06.2015 10:59

Минатата година, над 625.000 бегалци побарале азил во Европската унија, што е зголемување од 40 проценти во однос на претходната година. Бројот на илегални бегалци коишто влегле во ЕУ е петпати поголем...

Војната на Блискиот исток и Северна Африка, сиромаштијата и климатските промени што го уништуваат земјоделството се причините за поголемиот бран на бегалци во Европа. Европските политичари бараат солидарност и соработка на земјите членки за справување со бегалците. На прашањето од Македонската телевизија, дали Унијата ќе покаже солидарност и соработка и со земјите кандидати како Македонија, Србија и Турција, коишто се соочуваат со голем број на бегалци, германскиот пратеник и Потпретседател на германската зелена партија, Џем Уздемир одговори:

„Главно тие се транзитни земји, на патот кон земјите членки на Европската унија. И внатре во Европската унија исто така имаме транзитни земји. Очигледно Грција е транзитна земја, бидејќи мнозинството од луѓето не сакаат да останат таму. Тоа го прави комплициран проблемот и јасно е дека мора да соработуваме на процесот на членство. Проблемот сега е што соработката при процесот на членство, целта не е хуманото справување со барателите на азил и осигурувањето бегалците да не дојдат во земјите членки“, изјави Уздемир.

Оваа година во Германија се очекува да има околу 5.000 барања за азил. Најмногу бегалци, главно од Сирија и Ирак, пристигнуваат во Турција, Либан, Јордан, Грција и во Италија. Оние коишто сакаат да останат во Европа, бараат азил во Германија и во Шведска. Американските експерти сметаат дека и Соединетите Американски Држави треба да помогнат за спасување на бегалците.

„Делењето на товарот е фундаментален за спасување на животи. Кога зборуваме за Европа, делењето на товарот со бегалците треба да е во фокусот“, смета Сузан Мартин-професор на универзитетот „Џорџтаун“ во Вашингтон.

„Ова не е само европски проблем. Ова е глобален проблем и е нешто на што Соединетите Американски Држави, земјите на потекло и земјите на транзит треба да работат заедно за да дојдат до постапки што се конструктивни и ќе спасуваат животи“, вели Кетлин Њуланд, директор во Институтот за миграциска политика во Вашингтон.

Од јануари до април, околу 1.800 бегалци го загубиле животот обидувајќи да го поминат Средоземното море. Италија започна операција за спасување на бегалците од бродоломи, но најави дека не може еднострано да ја презема оваа акција. Грција која се соочува со економски проблеми, е критикувана од Амнести Интернешнл дека според сведочењата на бегалци од Сирија, се обидува насилно да ги врати бегалците во Турција, при што грчката полиција употребувала сила.

Според најновиот извештај на Високиот комесар за бегалци на Обединетите нации, минатата година во светот имало околу 60 милиони бегалци, од коишто 11 милиони од Сирија. Според него, Европа оваа година може да прими еден милион бегалци.

 

Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ