Ново откритие на локалитетот Стибера
Ново, ексклузивно откритиое на античкиот локалитет Стибера кај Прилеп. Откриена мермерна скулптура во природна големина. Министерката за култура Елизабета Канческа Милеска го посети локалитетот и најави дека државата ќе ги расчистува имотните односи со жителите за да шродолжат истражувањата на овој голем, антички град со преку 20.000 жители...

Античкиот град Стибера донесе ново, ексклузивно откритие. Мермерна скулптура во природна големина на великодостојник со свиток во раката, од 2 век од нашата ера.
Ја пронашле екипите на прилепскиот музеј додека работеле на истражувањата. Просторот на кој е најдена, се претпоставува, е дел од големото градско собрание на Стибера.
„Најдовме мошне репрезентативен наод, наод на скулптура од маж која е изработена од препознатлива, репрезентативна техника на изработка на антропоморфна пластика во времето на Стиера од римскиот период“, вели археологот Душко Темелковски.
Секое истражување на најголемиот локалитет во земјава со мермерни статуи, носи ексклузивно откритие.
„Се однесува на некој значаен граѓанин, што се потврдува со самата изработка на драперијата, деловите од телото, во природна големина е и допрва следува процесот на конзервација“, изјави Гордана Данилоска Спироска, директор на прилепскиот музеј.
Државата ќе ги решава имотно-правните прашања со земјиштето со жителите за да се интензивираат истражувањата на овој огромен комплекс.
„Стибера е еден од најголемите антички градови. Еден од најголемите архелошки локалитети и навистина, добро е, по завршувањето на овие имотно-правни работи за тој дел е битно да се заврши за активно да започне целосно истражување на локалитетот, бидејќи локалитетот е огромен“, изјави министерката за култура Елизабета Канческа Милеска.
Стибера, некогашниот антички град со преку 20.000 жители во шест децении истражување донесе преку 20 мермерни скуптури.
Елизабета Митреска
